Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека „донел одлука, да речеме“ за продажба на ракети „Томахавк“ со долг дострел на земјите-членки на НАТО, за потоа тие да бидат испорачани во Украина.
Украинските претставници тврдат дека „Томахавките“ ќе му дозволат на Киев да напаѓа воени цели длабоко во Русија и ќе помогнат да се одврати рускиот лидер Владимир Путин и да се принуди Москва да преговара по поповолни услови.
На прашањето на новинарите во Овалната соба дали донел одлука да испорача „Томахавци“ на Украина, Трамп одговори: „Донесов одлука до одреден степен, да речеме“.
Трамп рече дека сака да знае што планираат Украинците да прават со тие ракети пред испораката. „Каде ги испраќаат, претпоставувам дека ќе морам да го поставам тоа прашање. Би поставил неколку прашања. Не сакам да видам ескалација“, рече американскиот претседател.
Украински функционер и извор близок до украинската влада рекоа дека не знаат каква е одлуката на Трамп. Извор близок до Киев додаде дека претставници на администрацијата на Трамп изразиле загриженост во последните недели за тоа дали Вашингтон може да контролира како Украина ќе ги користи ракетите откако ќе бидат купени и платени од земјите-членки на НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата изјави дека испораката на Томахавките на Украина би претставувала „сосема нова, квалитативно нова фаза на ескалација“.
Путин нагласи дека Украина не може да ги користи овие ракети без директно учество на САД, што, како што рече, би довело до директен конфликт меѓу Русија и САД и би го уништило секој позитивен напредок во односите меѓу двете земји.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го замоли Трамп за време на нивниот состанок на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации минатиот месец да ѝ обезбеди на Украина ракети Томахавк, што би ѝ дало можност да погодува цели во Русија дури и во Москва.
Зеленски за американскиот портал Аксиос изјави дека побарал од Трамп дополнителен систем на оружје што би можел да го принуди Путин да преговара за мир, дури и ако Украина не го користи.
Украинскиот лидер не ги именуваше оружјата, но рече дека доколку Русија знае дека Украина ги поседува, притисокот врз Москва да се согласи на преговори значително ќе се зголеми.