Парламентарната расправа за продолжување на кризната состојба во Чешка, прогласена поради пандемијата, денеска се претвори во физичка пресметка меѓу еден од пратениците, претседателот на законодавниот дом и уште неколкумина народни избраници.
Проблемите започнаа уште кога независните пратеници Маријан Бојко и Лубомир Волни демонстративно се појавија на денешната седница без заштитни маски, кршејќи ги со тоа важечките прописи. Откако зборуваше Бојко, а претседавачот со седницата Томаш Ханзел му рече на пратеникот дека треба да се срами и побара да стави маска на лицето, збор доби Волни.
За време на неговиот говор, независниот пратеник ја нарече партијата на Ханзел „корумпирана партија“, а претседавачот, откако еднаш го предупреди, му го исклучи микрофонот на пратеникот поради навредлив говор.
По ова, Волни тргна кон местото на претседавачот со намера да се обрати преку неговиот микрофон, а потегот се претвори прво во турканица, а потоа и во отворена физичка пресметка на Волни со други пратеници.
На крајот, парламентарното обезбедување го отстрани Волни од салата, а полицијата ќе поднесе прекршочни пријави за двајцата независни пратеници, избрани преку листата на радикалната десничарска партија СДП, поради неносењето заштитни маски, за што им се заканува казна од 400 евра.
Лидерот на СДП, Томио Окамура остро го осуди однесувањето на пратениците и инцидентот, каков што не се гледа често во Чешкиот парламент.