ВИДЕО: Страотен руски напад на Киев, има мртви и десетици повредени

Од:

Најмалку 13 лица загинаа, а 56 се повредени во масовниот руски воздушен напад врз Киев и други украински градови, извршен во текот на ноќта, јавува The Kyiv Independent. Нападот уследи само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува нов масовен ракетен удар.

Според началникот на Киевската градска воена администрација Тимур Ткаченко и градоначалникот Виталиј Кличко, 32 од повредените се хоспитализирани. Во нападот биле употребени десетици крстосувачки и балистички ракети, како и голем број беспилотни летала.

Во повеќе делови од украинската престолнина уништени се станбени згради, оштетен е хотел во центарот на градот, а избувнаа бројни пожари. Украинските власти соопштија дека штета е регистрирана на најмалку 28 локации, главно на станбени објекти и цивилна инфраструктура.

„Непријателот повторно ги гаѓа станбените населби и убива цивили. Имаме големи разурнувања и значителен број жртви, меѓу кои има и деца“, изјави Ткаченко.

Напади од сите страни

Украинските воздухопловни сили предупредиле дека групи руски дронови се движат кон Киев, како и кон градовите Миколаив, Конотоп и Херсон. Подоцна биле регистрирани нови бранови беспилотни летала кои се приближувале кон главниот град.

Ткаченко изјави дека дроновите го напаѓале Киев „од сите страни“ и предупреди дека во наредните денови се можни нови комбинирани напади со ракети и беспилотни летала. Илјадници жители ја поминаа ноќта во станиците на метрото, кои служат како засолништа.

Во раните утрински часови нападите продолжија со балистички ракети, меѓу кои, според украинските власти, имало и хиперсонични ракети „Циркон“. Во исто време, според извори кои следат воени активности, Русија во акцијата ангажирала до десет стратешки бомбардери.

Уништени згради и пожари низ Киев

Најголеми оштетувања се регистрирани во неколку киевски населби. Во Шевченковскиот реон бил погоден објект на итната медицинска помош, при што се повредени пет здравствени работници, а еден болничар е во критична состојба.

Во истиот реон целосно е уништена станбена зграда, а пожар избувнал и во хотел во центарот на градот, за кој локалните медиуми наведуваат дека станува збор за „Cityhotel Residence“.

Во Десњанскиот реон се урнала деветкатна станбена зграда, при што спасувачките екипи трагаат по лица затрупани под урнатините. Пожари биле пријавени и во Печерски, Соломјански и Голосијивскиот реон.

Зеленски претходно предупреди на нов масовен напад

Неколку часа пред нападот, претседателот Володимир Зеленски изјави дека украинските разузнавачки служби располагаат со информации за подготовка на нов голем руски воздушен напад.

„Еднаш или двапати неделно се соочуваме со масовни воздушни напади. Денес добивме загрижувачки информации дека Русија подготвува уште еден таков напад“, изјави Зеленски.

Предупредувањето дојде во период кога Русија ги интензивира нападите врз повеќе украински региони. Во Харков, во напад со наведувана бомба, загина 15-годишно момче, а 32 цивили беа повредени.

Русија ја менува тактиката

Според украинските власти, Москва во последниот период ја менува тактиката на воздушните напади, користејќи поголем број балистички ракети за да го искористи недостигот од системите „Патриот“ во украинската противвоздушна одбрана.

Покрај станбени објекти и цивилна инфраструктура, во последните напади биле погодени и историски и културни знаменитости во Киев, меѓу кои Националниот музеј на уметноста, Киевската опера, музејот „Чернобил“ и Киевско-печерската лавра.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Човекот што ѝ ги задава најтешките удари на Русија објави видео: „Паѓаат како есенски лисја“

Украина воведува бонуси. 2.000 евра за заробен Русин, 300 за убиство

ВИДЕО: Украински градежен тајкун поврзан со Русија цел на напад во Монако, три лица се повредени во експлозијата

ВИДЕО: Русија повторно го нападна Киев со балистички ракети, погодена и термоелектрана на Крим

Военоспособните Украинци веќе нема да можат да влегуваат во ЕУ како бегалци

ВИДЕО: Со Фламинго, Украинците погодија клучна фабрика во Волгоград