Тунел од стопена карпа долг околу 15 километри, кој се искачува кон површината на земјата во југозападниот дел на Исланд, предизвика стотици земјотреси. Експертите се загрижени дека е неизбежна вулканска ерупција.
– Не сме имале ерупција во близина на населени места од 1973 година – рече Арман Хоскулдсон, професор по вулканологија на Универзитетот во Исланд.
Како мерка на претпазливост евакуиран е блискиот град Гриндавик.
Ерупциите што го проголтаа полуостровот Рејкјанес обично не се карактеризираат со насилни експлозии кои исфрлаат пепел и гас кон небото, туку со лава што тече низ пејзажот.
Сепак, сегашната вулканска активност што ги загрижи исландските власти се случува во област во близина на главниот аеродром, електрана и една од најпопуларните туристички атракции во земјата, топлиот извор познат како Сината лагуна. Магмата е на околу 300 метри под површината на најплитката точка, според Исландската метеоролошка агенција.
Веројатноста за ерупција околу Гриндавик останува неизвесна, но магмата продолжува да тече во слој од 15 километри, познат како насип, според Том Виндер, вулкански сеизмолог во Исланд.
Научниците велат дека очекуваат ерупција во наредните денови поради неодамнешната сеизмичка активност. Десетици илјади земјотреси се регистрирани во областа кај Гриндавик од средината на октомври. Исландските медиуми објавуваат дека има по околу 400 потреси дневно.
Ризиците за инфраструктурата од ерупција кај Гриндавик ќе зависат од тоа каде се отвора пукнатината, како и од тоа колку брзо тече лавата. Вработените во цивилната одбрана почнаа да градат бариери со чакал за да ја заштитат локалната електрана и Сината лагуна.
Но, ризиците исто така доаѓаат со придобивки. Исланѓаните користат геотермална енергија од нивните вулкани за загревање на водата и производство на електрична енергија.