Бројот на загинати во најсилниот тајфун на Филипините оваа година се искачи на 142, соопштија властите.
Најголем број на смртни случаи има во провинцијата Бохол, која се наоѓа на истоимениот остров – вкупно 72. Гувернерот на таа покраина предупреди на криза во водоснабдувањето, па повика на донации на електрични агрегати за да се овозможи работа на станиците за полнење вода.
Десет луѓе загинаа на островот Динагат, а тамошен официјален претставник изјави дека „од 90 до 95 отсто“ од покраината е оштетена или целосно уништена.
Гувернерката на Динагат Арлин Баг-ао претходно го спореди тајфунот Раи со супертајфунот Хаијан, најмоќниот во историјата, кој однесе 6.300 животи на Филипините во 2013 година.
Најмалку 18 лица загинаа во блиската провинција Западен Негрос, а 16 лица ги загубија животите на островот Себу.
Во осум други провинции во централниот и јужниот дел на островската држава загинаа 26 лица.
Раи, поради кој беа евакуирани 400.000 луѓе, вчера ја премина територијата на Филипините и се упатува кон централен Виетнам и кинескиот остров Хаинан.