Американскиот претседател Доналд Трамп откри нов додаток во Белата куќа – „претседателска патека на славните“ пред Западното крило. Марго Мартин, советничка за комуникации на Трамп, ја објави веста на социјалната мрежа X, споделувајќи видео од црно-бели портрети на претседателот во златни рамки.
Сепак, еден „портрет“ особено се издвојува од останатите. На местото резервирано за поранешниот претседател Џо Бајден, не се наоѓа негова фотографија, туку врамена слика од неговиот потпис направен со автопен – механички уред за потпишување.
Овој потег не е изненадувачки, со оглед на тоа што Трамп со месеци е фиксиран на употребата на автопен од страна на Бајден. Во јуни, тој дури и нареди истрага за оваа практика, наведувајќи сомневања за „когнитивен пад“ на Бајден во меморандум.
The Presidential Walk of Fame has arrived on the West Wing Colonnade
Wait for it… 🖊️👀 pic.twitter.com/ApWfdxfFQa
— Margo Martin (@MargoMartin47) September 24, 2025
Бајден остро ги отфрли таквите тврдења. „Да бидам јасен: Донесував одлуки за време на моето претседателствување. Донесував одлуки за помилувања, извршни наредби, закони и прогласи. Секоја сугестија дека не сум носел јас одлуки е смешна и лажна“, рече тој во соопштението. Неговиот портпарол одби да коментира за новата инсталација во Белата куќа.
Трамп го објави потегот пред неколку недели во интервју за „Дејли Колер“, јасно ставајќи до знаење дека нема сите претседатели да бидат третирани подеднакво.
Новинарите ги набљудуваа подготовките за „Патеката на славните“ оваа недела, а потегот на Трамп предизвика саркастичен одговор од таборот на Бајден. „Постојано сум импресиониран од тоа колку Белата куќа останува фокусирана на ветувањето на Трамп од првиот ден за намалување на цените и сите чекори што ги преземаат за да им го олеснат животот на семејствата што се борат да сврзат крај со крај“, изјави Крис Мигер, поранешен заменик-секретар за печат на Бајден.
Во меморандум од јуни, Трамп побара истрага за тоа дали „одредени лица се заговориле да ја доведат јавноста во заблуда за менталната состојба на Бајден и неуставно да ги остварат овластувањата и одговорностите на претседателот“. Истрагата требаше да вклучи „секоја активност за намерно криење информации“ за здравјето на Бајден и проверка на „политички документи за кои е користен автопен“. Советниците на Бајден го негираа постоењето на каков било координиран напор за криење на неговата состојба од јавноста.
Самиот Трамп тврдеше во март дека тој лично никогаш не користи автопен за важни документи. „Никогаш не го користам“, им рече тој на новинарите. „Мислам, можеби го користиме, на пример, за да испратиме писмо до млада личност, бидејќи тоа е убаво… Но, потпишувањето помилувања и сите работи што (Бајден) го правеше е срамно“, додаде тој.
Ова не е првпат Трамп да го менува изгледот на Белата куќа. Тој претходно преместуваше портрети на поранешни претседатели, вклучувајќи ги Барак Обама и Џорџ В. Буш. Ова лето започна и реновирањето на познатата Градина со рози, која е поплочена со мермер и камен и опремена со ново осветлување и звучници за одржување настани. Новиот простор, наречен „Клуб на градина со рози“, многумина ги потсетува на имотот на Трамп во Мар-а-Лаго.