Се појавија првите фотографии од внатрешноста на куќата на Оскар Писториус, кој е осомничен за брутално убиство на својата девојка, познатиот модел Рив Стенкамп.
На снимките може јасно да се видат оштетената врата од бањата, дупките од куршумите и крвавиот под. Според фотографиите може да се заклучи дека во куќата на пара-олимпиецот се одвивала вистинска драма.
Истражувачите пронашле траги од крв низ целата куќа, вклучувајќи ги и ѕидовите и каучите на приземје.
Рив Стенкамп, беше убиена во неговата куќа на 14 февруари. Полицијата подоцна го пронашла пиштолот, но и крвавата палка. Странските медиуми пишуваат дека Писториус таа ноќ бил под дејство на алкохол и дека консумирал забранети стероиди кои предизвикуваат агресија.
Писториус тврди дека случајно ја убил Стенкамп, бидејќи помислил дека е крадец, па четири пати пукал низ вратата. Тогаш видел дека Рив не била во креветот и ја скршил вратата од бањата со бејзбол палка.