Седум лица се убиени во престрелки на две локации во северниот дел на Калифорнија, во крајбрежниот град Халф Мун Беј, кои се чини дека биле извршени од истото лице кое било приведено, соопштија локалните власти.
Градот Халф Мун бејсе наоѓа на околу 50 километри јужно од Сан Франциско.
Полицајците кои се јавиле на повикот на првата локација пронашле четири мртви и уште еден ранет, а потоа пронашле уште три мртви на втора локација во близина, изјавија од полицијата на прес-конференција.
Двете локации на кои се случија нападите се фарми, а како што објави Сан Франциско хроникл, една од нив е фарма со печурки.
Во автомобилот на осомничениот е пронајдено оружје, соопшти полицијата.
Последното масовно убиство се случи пред само два дена во паркот Монтереј, каде во престрелка беа убиени 11 лица.
За пукотниците бил информиран и американскиот претседател Џо Бајден, напиша на Твитер неговата портпаролка Карин Жан-Пјер. Претседателот „го повика федералните органи за спроведување на законот да им ја дадат сета потребна помош на локалните власти“, додаде таа.