Речиси 300 вработени во францускиот образовен систем се повредени откако кон средината на септември започнаа протестите на средношколците, соопшти денеска портпаролот на француската влада, Матје Лефевр, повикувајќи на смирување на тензиите и на дијалог.
„Имаме речиси 300 повредени вработени во образованието. Ова насилство е апсолутно неприфатливо и сите политички сили мора да повикаат на смирување на ситуацијата и на дијалог“, изјави Лефевр по владината седница, пренесува „Ле Фигаро“.
Според француските медиуми, до утринава биле блокирани 49 средни училишта низ земјата.
Тензиите дополнително се зголемија по инцидентот во градот Шел, во департманот Сена и Марна, каде што врз општинската советничка и заменик-градоначалничка, Анџела Паскоа дос Сантос, бил фрлен бензин додека таа се обидувала да спречи палење контејнери за отпад во близина на средното училиште „Гастон Башлар“.
Таа изјави дека еден млад човек фрлил шише со бензин кон нејзините гради; таа веќе поднела официјална пријава за обид за убиство.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, го осуди нападот, опишувајќи го како чин на урбано насилство што бара најодлучен одговор. Министерот за образование, исто така, го осуди инцидентот, нагласувајќи дека тука веќе не станува збор за барања на средношколците, туку за криминално однесување кое ги користи протестите како изговор за напади врз институциите.
Валери Пекрес, претседателка на регионот Ил-де-Франс, го оцени насилството како неприфатливо и побара сторителите да бидат идентификувани и казнети.
Протести се одржаа и во други француски градови. Во Лион се собраа околу 1.000 луѓе – меѓу кои средношколци, студенти и синдикалци – додека во Бордо протестираа неколку стотици млади луѓе.
Протестите започнаа кон средината на септември и оттогаш прераснаа во пошироко незадоволство поврзано со трошоците за живот, положбата на младите и образовниот систем.
