Рускиот претседател Владимир Путин ги прими мајките и сопругите на руските војници кои се борат во Украина за прв пат од почетокот на руската инвазија. Средбата се случила по бројни барања на семејствата на руските војници, кои се пожалиле на недостиг на основна опрема и ужасни услови. Во неколку наврати мајките на руските војници упаднаа во канцелариите на руската армија за мобилизација.
Видеото од средбата го пренесоа руските медиуми. На почетокот на средбата Путин рече дека „лично ја споделува болката на мајките кои ги загубија своите синови“, но набргу потоа почна да зборува за „лажни вести“ за војната во Украина, велејќи: „Интернетот е пат на измами и лаги, не можете да верувате во ништо“.
Путин им рекол на мајките дека телефонски разговарал со војниците на фронтот: „Разговарав со нив и ме изненадија со нивното расположение, нивниот став. Не очекуваа дека ќе им се јавам. Овие разговори ми даваат причина да ги наречеме херои. Тоа е вистината“.
Тој, исто така, тврди дека целото руско раководство, во кое е вклучен и тој, „ја дели болката на мајките“. „Ние разбираме дека ништо не може да го замени изгубениот син, изгубеното дете, а особено не на мајките.
„Ќе направиме се за да не се чувствувате заборавено, се што е во наша моќ за да имате рамо на кое ќе се потпрете“, рече Путин, додавајќи дека „не жали“ за одлуката да започне, како што вели Кремљ, „специјална воена операција во Украина, и ја опиша војната како момент во кој Москва конечно застана против „западната хегемонија“.
Руската телевизија не ги објави изјавите на мајките на загинатите војници.