На телевизиските снимки и на социјалните мрежи можеше да се видат патишта под вода, напуштени автомобили и патишта кои се претворија во вистински реки.
Четири лица, меѓу кои две деца, се исчезнати во саботата по рекордните поплави предизвикани од обилните врнежи во провинцијата Нова Шкотска, во источна Канада, соопшти полицијата.
Во потопениот автомобил се наоѓале две деца, а тројцата возрасни кои биле со нив успеале да побегнат, изјавила портпаролката на Кралската канадска коњичка полиција (GRC). Потрагата по нив продолжува.
Две други лица исчезнаа под слични околности, додаде портпаролката. Двајца патници од тоа возило биле спасени.
На крајот на мај, Нова Шкотска тешко претрпе шумски пожари што опустошија неколку канадски провинции.
Нејзиниот премиер Тим Хјустон на прес-конференцијата истакна дека за помалку од 24 часа во покраината наврнале околу 250 мм дожд, што одговара на количината што просечно паѓа за три месеци.
Хјустон прогласи вонредна состојба во некои делови на покраината, велејќи дека ќе бидат потребни неколку дена за да се повлече водата.
Силниот дожд што паѓа од петокот го наруши сообраќајот, поплави куќи и се заканува да ја пукне браната.
На жителите од областа Виндзор, околу шеесет километри северозападно од Халифакс, главниот град на провинцијата, им беше наредено да се евакуираат среде ноќ поради опасност од пукање на браната.
Но, во саботата попладне, вентилите за испуштање беа отворени за да се намали притисокот. Ситуацијата е „под контрола“, рече градоначалникот на Виндзор Абрахам Зебијан, а наредбата за евакуација е укината.
канадската метеоролошка служба најави продолжување на врнежите до крајот на денот на истокот на покраината, вклучително и на островот Кап Бретон.
Жителите на покраината се повикани да останат дома бидејќи многу патишта се непроодни. Без струја претпладне беа околу 70.000, а попладне околу 6.000 потрошувачи.