ВИДЕО: Почина човекот што го претвори Катар во глобален играч

Од:

Поранешниот катарски емир шеик Хамад бин Калифа Ал Тани, кој за време на своето владеење ја претвори малата заливска држава во еден од највлијателните светски актери во дипломатијата, медиумите и инвестициите, а потоа доброволно му ја предаде власта на својот син, почина на 74-годишна возраст, јавија катарските државни медиуми.

Државната новинска агенција Qatar News Agency ја објави веста за неговата смрт, без да ја наведе причината. Шеикот Хамад се повлече од функцијата емир во јуни 2013 година, по 18 години на власт.

Тој се смета за архитект на амбициозната трансформација на Катар, земја богата со нафта и природен гас, од речиси незабележлива заливска држава во значаен меѓународен политички и економски центар за помалку од една генерација. За време на неговото владеење Катар ја купи лондонската стоковна куќа „Хародс“ и ја основа влијателната телевизиска мрежа „Ал Џезира“.

Денес политичкото влијание на Катар се протега од Северна Африка до Авганистан, а земјата беше домаќин на Светското првенство во фудбал во 2022 година. Иако тогаш речиси една деценија не беше на власт, Хамад беше поздравен со овации на отворањето на шампионатот, пишува Associated Press.

Во исто време, подемот на Катар за време на неговото владеење предизвикуваше незадоволство кај дел од регионалните и западните сојузници поради неговата независна надворешна политика, особено поради блиските односи со Иран, палестински Хамас и египетското Муслиманско братство.

„Иднината ви припаѓа вам, децата на оваа татковина, додека започнувате нова ера во која младото раководство ќе го носи знамето“, изјави Хамад при објавувањето на абдикацијата и внимателно подготвениот пренос на власта на неговиот син Тамим бин Хамад Ал Тани, тогаш 33-годишен престолонаследник школуван во Велика Британија.

Мирното и доброволно повлекување од власта е исклучително ретко во регионот, каде промените најчесто доаѓаат по смрт или државен удар. Иронично, самиот Хамад дојде на власт во 1995 година, кога со дворски удар го симна од престолот својот татко, шеикот Калифа.

Хамад дипломирал на британската воена академија „Сандхерст“, по што станал командант на катарските вооружени сили и министер за одбрана. Кон крајот на 1970-тите бил именуван за престолонаследник и постепено ја презел одговорноста за управувањето со огромните резерви на нафта и гас.

По преземањето на власта, Катар брзо се отвори кон светот. Симбол на таа политика стана телевизијата „Ал Џезира“, која за кратко време се разви во еден од највлијателните светски информативни медиуми.

Нејзиното известување често предизвикуваше реакции кај арапските лидери, а понекогаш и прекин на дипломатските односи, како и критики од Вашингтон. Телевизијата ги емитуваше пораките на Ал Каеда во период кога Катар беше домаќин на една од клучните американски воени бази по нападите од 11 септември 2001 година и за време на војните во Авганистан и Ирак.

Хамад настојуваше да го зацврсти меѓународниот углед на Катар и преку спортот. Круна на таа стратегија беше добивањето на организацијата на Светското првенство во фудбал во 2022 година, иако процесот беше проследен со обвинувања за влијание преку финансиска моќ.

Катар стана еден од најголемите инвеститори во светскиот спорт – од спонзорството на Барселона до мнозинската сопственост на францускиот клуб Пари Сен Жермен.

Воедно, Хамад силно го поддржуваше развојот на „Катар ервејс“, со цел компанијата да стане еден од водечките светски авиопревозници. Меѓународниот аеродром во Доха, изграден по цена од најмалку 15 милијарди долари, го носи неговото име.

Поранешниот емир имаше амбиција Катар да стане меѓународен посредник во решавањето на конфликти. Доха посредуваше во конфликтот во Дарфур, политичките кризи во Либан и во обидите за помирување меѓу палестинските фракции Хамас и Фатах.

Во октомври 2012 година Хамад стана првиот шеф на држава што го посети Појасот Газа откако Хамас ја презеде контролата врз територијата. Тогаш вети инвестиции и развојни проекти во вредност од 400 милиони долари.

Катар истовремено одржуваше контакти и со Израел. Во 2007 година Хамад се сретна со тогашната израелска министерка за надворешни работи Ципи Ливни на Генералното собрание на Обединетите нации. Израелската трговска канцеларија во Доха беше затворена по израелските напади врз Газа кон крајот на 2008 година.

За разлика од Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, кои во 2020 година воспоставија дипломатски односи со Израел, Катар остана на дистанца. За време на Светското првенство во 2022 година, израелските навивачи се соочија со бројни палестински знамиња и протести против израелската окупација на палестинските територии.

За време на Арапската пролет, Катар испрати борбени авиони во операциите на НАТО против режимот на Моамер Гадафи во Либија и им обезбеди воена и финансиска поддршка на бунтовниците.

Во Сирија, Катар беше еден од главните политички покровители на опозицијата против претседателот Башар ал Асад и силен поддржувач на вооружувањето на сириските бунтовници.

Поддршката за исламистички движења, како Муслиманското братство, доведе до сериозни тензии со соседните држави. Тие кулминираа за време на владеењето на неговиот син Тамим, кога Бахреин, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати воведоа повеќегодишен бојкот на Катар, делумно поради политиката воспоставена во времето на Хамад.

Една од неговите последни големи одлуки пред абдикацијата беше официјалното отворање на политичката канцеларија на авганистанските талибанци во Доха. Тој потег овозможи почеток на преговорите меѓу САД и талибанците, кои на крајот доведоа до повлекување на американските и НАТО-силите од Авганистан во 2021 година.

Би можело да ве интересира

Документи и фотографии откриваат: Израел им продал напредни воени системи на Катар и Саудиска Арабија

ВИДЕО: Експлозија во постројка за течен гас во Катар, 54 повредени, 18 се водат како исчезнати

САД и Катар ќе „одмрзнат“ шест милијарди долари сопственост на Иран

Иран продолжува со нападите: Кувајт и Катар соборуваат беспилотни летала

Се урна катарски воен хеликоптер, не се знае дали несреќата е поврзана со конфликтот на Блискиот Исток

А1он

ВИДЕО: Одмазда на Иран, напади на Катар, Саудиска Арабија и Емирати