По силниот земјотрес што го погоди Пакистан, во близина на Арапското Море „изникна“ нов остров, јавија Си-ен-ен и пакистански медиуми.
Претставник на властите во градот Гвадар, Моазам Јах, вели дека островот е висок меѓу шест и девет метри, а изникнал на оддалеченост од околу 350 метри од брегот.
Сеизмологот Захид Рафи го потврди овој невообичаен настан. За него појавата не е изненадувачка, со оглед на силината на потресот.
Најмалку 80 лица загинале во силниот земјотрес што со интензитет од 7,8 степени ја погоди западната пакистанска провинција Белуџистан. Се очекува бројот на жртвите да се зголеми, бидејќи многу луѓе се затрупани под урнатините на зградите.
Земјотресот беше почувствуван и во индискиот главен град Њу Делхи. Епицентарот бил на 240 километри југоисточно од градот Далбандин на длабочина од десет километри.