Австрија скршна надесно на вчерашните избори, при што победи екстремно десничарската Партија на слободата (FPÖ), што претставува првпат по Втората светска војна партијата вкоренета со нацистичката идеологија да освои најмногу гласови на национални избори.
Европските радикални десничарски партии вчера ја прославија победата на FPÖ како поттик за националните конзервативци во услови на наплив на крајната десница поттикната од стравувањата од имигрантите.
Wir haben heute Geschichte geschrieben! 🇦🇹 Danke an euch ALLE! 💙 pic.twitter.com/XFHo2FCEJ0
— FPÖ (@FPOE_TV) September 29, 2024
На чело со Херберт Кикл, кој доби поддршка поради лошата економија и загриженоста дека Австрија ги прима имигрантите побрзо отколку што може да ги интегрира, ФПО освои околу 29 отсто од гласовите – рекорден резултат што може да и даде на партијата платформа да ја води следната влада.
Ова ја отвори вратата за нова ера, изјави шефот на партијата Херберт Кикл по објавувањето на првите резултати.
На гласање излегоа дури 6,3 милиони гласачи (78%), а во кампањата доминираа прашањата за миграцијата и азилот, како и неуспешната економија и војната во Украина.
ФПО треба да има околу 56 од 183 места во парламентот, додека конзервативците би добиле 52, а социјалдемократите 41 место.
Генералниот секретар на FPÖ, Михаел Шнедлиц, рече дека „мажите и жените во Австрија ја напишале историјата“, но одби да каже за каква коалиција ќе се обиде да преговара неговата партија.
Би-Би-Си објави дека анализата на гласачите покажала дека оние на возраст од 35 до 59 години најмногу гласале за екстремната десница, малку повеќе жени отколку мажи.
Кикл мора да најде партнер за да формира стабилна коалиција бидејќи другите партиски лидери не можат да го поднесат. Тие одбија да му служат и многу брзо почнаа да ја разгледуваат можноста за коалиција без неговата партија.
Но, на екстремните десничари на Австрија им честитаа бројни европски сојузници. FPÖ е дел од екстремно десничарската група во Европскиот парламент, предводена од Националниот собир на Франција (РН).
Лидерка на РН е Марин Ле Пен, која изрази задоволство од победата, велејќи дека тоа е показател дека таквите партии напредуваат.
„По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој бран, кој ја поддржува одбраната на националните интереси, зачувувањето на идентитетот и воскреснувањето на суверенитетот, го потврдува триумфот на народот насекаде“, напиша Ле Пен во објавата на X.
Меѓу честитките е Бјерн Хоке, еден од лидерите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), кој победата на FPÖ ја нарече „сензација“ и напиша на X: „Победата на FPÖ не е само победа на Австрија – таа достигнува далеку надвор од границите и е добар знак за напредок за цела Европа“.
Холандскиот националист Герт Вилдерс, чија партија ПВВ ја предводи холандската влада, рече на Х: „Ние победуваме! Времињата се менуваат! Идентитет, суверенитет и слобода. И нема повеќе илегална имиграција или азил, по што копнеат десетици милиони Европејци.
На Фејсбук се огласи и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој напиша: „Каков викенд!! По Чешка, уште една победа за патриотите преку граница… Без војна, без миграција и без родова пропаганда!“
ФПО, која беше основана во 1950-тите од поранешни членови на СС и други нацистички ветерани, конкурираше на овие избори со платформа против странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите.
Кикл им вети на гласачите дека ако му ја дадат победата, тој ќе служи како нивен Volkskanzler, или „народен канцелар“, прекар што го користел Адолф Хитлер.
Иако партијата го минимизира своето нацистичко минато и се обидува да се претстави како алтернатива против естаблишментот на мејнстрим десницата и левиот центар, таа редовно користи антисемитски фашистички тези. Потсетување за длабочината на афинитетот на партијата кон естетиката на Третиот Рајх дојде во петокот на погребот на долгогодишен политичар на FPÖ, каде ожалостените го испратија својот колега пеејќи ја химната на СС. На погребот присуствуваа бројни лидери на FPÖ, од минатото и сегашноста.
Ваквите ексцеси ќе го отежнат формирањето на коалиција на FPÖ, но тоа сепак не е невозможно.
Победата на евроскептичната ФПО може да посее поделби во Европската унија кога станува збор за областа на надворешната политика поврзана со поддршката за Украина против инвазијата на Москва во таа земја.