„Жолтите елеци” најавуваат нови демонстрации низ цела Франција, со што ова ќе биде 13-та последователна сабота на демонстрации, и покрај големиот пад на мобилизацијата минатата сабота, кога помалку од 60.000 лица, според Министерството за внатрешни работи, излегоа на улиците, јави дописникот на МИА.
Во Париз едни демонстрации се пријавени во префектурата, со почеток во 10:30 под Триумфалната порта, а дефилето потоа ќе тргне по Елисејските полиња, ќе се движи долж Сена се до Националното Собрание за да пристигне на Шан-Марс, во подножјето на Ајфеловата кула.
Истовремено, во главниот град се планираат уште три непријавени собири според префектурата, што не ја исклучува можноста за формирање или прегрупирање други „неформални собири и процесии“.
Демонстрации на „жолтите елеци“ се предвидени и во другите француски градови, но тие не се најавени во префектурата, а и местата на собирите се држат во тајност се до последен момент.
Како и во претходните викенди, ќе бидат заштитени чувствителните сектори околу институциите, а во Париз, како и во другите поголеми градови, ќе бидат распоредени големи полициски сили
Според истражувањето на „ЈуГов“, објавено во четвртокот, речиси две третини (64 проценти +2) од Французите продолжуваат да го „поддржуваат“ движењето на „жолтите елеци”, кое бара поголема даночна правичност и одржување на куповната моќ, , а 77 проценти (+3) ја оправдуваат нивната мобилизација.