Лидерот на демократските претставници во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, за време на кампања за изборите за во Конгресот во ноември, била нападната од толпа во јужна Флорида.
https://www.youtube.com/watch?v=TY5WFRYVp1k
Настанот се случил во средата, но снимката со немилата сцена се појави викендов на „Јутјуб“.
На видеото се гледа како Пелоси влегува во ресторан додека агресивна толпа со анти-комунистички транспаренти оди кон неа и извикува погрдни зборови и пцовки.
Затекната од ова, конгресменката гледа кон демонстрантите и излегува од задната врата на ресторанот, опкружена од обезбедување. Во позадина се слушаат извици „комунизмот е лош“.
Американските медиуми наведуваат дека претседателот Доналд Трамп во своите говори мошне често се повикува на „гневната толпа“, и според нив, со тоа дава повод за вакви немили настани.
Но и поддржувачите на демократите и разни левичарски групи приредуваат слични акции како оние за време на номинацијата на Брет Кавано во Врховниот суд на САД. Во текот на неколкунеделните сослушувања во Сенатот, републиканските сенатори беа напаѓани со извици на неодобрување од преставници во публиката.
Шиканирањето на Пелоси, но претходно и на други демократски преставници дојде откако Максин Вотерс, калифорниска претставничка во Конгресот од демократите, летоска повика на слични дејства од страна на нивните поддржувачи против претставници на кабинетот на Трамп.
-Ако видете некој од тој кабинет во ресторан, продавница, бензинска станица, соберете луѓе и направете притисок врз нив. Кажате им дека тие не се повеќе добредојдени, повика тогаш Вотерс за време на партиски митинг.
Преставници од администрацијата на Трамп во изминативе неколку месеци беа повеќепати цел на навреди, приредувани од либерални групи на јавни места во Вашингтони и во други градови во САД.