ВИДЕО: Најмалку 20 убиени во израелски напад на село во северен Либан

Од:

Најмалку 20 лица се убиени, а осум други се повредени во неочекуван изралески воздушен напад во северниот дел на Либан, соопшти Министерството за здравство на земјата, пренесуваат светските медиуми.

Според Би-би-си, во нападот е погодна станбена заграда во местото Аиту, село со претежно христијанско население, далеку од областите кои досега беа цел на операциите на израелската војска насочени против милитантната шиитска исламистичка група Хезболах во Либан.

Локални жители, како што пренесува британскиот национален сервис, изјавиле дека во погодениот објект живеело семејство кое неодамна било раселено од друг дел на Либан поради израелските напади.

Израелската војска засега не ги коментира извештаите за нападот, кој доаѓа откако премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе продолжат со безмилосни удари врз Хезболах насекаде во Либан, вклучително и главниот град – Бејрут.

„Сè се одвива според оперативните планови. Тоа го докажаваме неодамна и ќе продолжиме да го докажуваме и во наредните денови“, рече Нетанјаху.

Тој ова го кажа во своето обараќање за време на посетата на воена база во северен Израел каде во неделата вечерта беспилотно летало лансирано од групата поддржана од Иран уби четворица и рани десетици израелски војници.

Војската на Израел соопшти дека се истражува како дронот успеал да ги избегне софистицираните системи за противвоздушна одбрана на земјата и го погодил објектот за обука на голанската бригада во близина на градот Бенјамина.

Станува збор за еден од најсмртоносните напади на Хезболах врз Израел во непријателствата кои траат повеќе од една година, а се предизвикани од војната во Газа.

Милитантаната група Хезболах соопшти дека тоа е одговор на смртоносните израелски напади во Либан, во кои според Министерството за здравство на земјата во текот на минатиот месец се убиени речиси 1 700 луѓе.

Инаку, повеќето израелски воздушни напади изминатата недела беа насочени кон цели на југот на Либан и долината Бека на истокот на земјата каде се најсилните упоришта на Хезболах.

Аиту, маронитска христијанска заедница сместена во планините во близина на северозападниот крајбрежен град Триполи, според извештајот на Би-би-си, не било место што се очекувало да биде цел на израелски напад.

Според изјави на локалните жители, претходно немало никакво предупредување дека ќе има напад , туку оддеднаш се слушнала само една силна експлозија.

Тие рекле и дека неколку семејства раселени поради војната на југот на Либан неодамна се преселиле во Аиту и дека погодениот објект бил изнајмен од луѓе пред две недели.

Извор од либанските безбедносни сили за новинската агенција АФП изјавил дека објектот бил погоден кратко време откако пред него пристигнал маж со автомобил.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека врши ДНК тестови за да го утврдат идентитетот на убиените лица што први биле извлечени од погодениот објект.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Израелски напад во центарот на Бејрут, четворица мртви и десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Трудо: Канада ќе ја почитува пресудата на Меѓународниот кривичен суд за Нетанјаху, Галант и Ал Масри

Бејрут и денеска е цел на израелската армија

ОН: Израелските доселеници протераа повеќе од 1.720 Палестинци од Западниот Брег

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети во израелски напад врз Балбек-Хермел во Либан