Јужна Европа се подготвува за екстремно суво лето. Некои региони веќе страдаат од недостиг на вода, а земјоделците ги очекуваат своите најлоши приноси во последните децении. Додека климатските промени го прават регионот потопол, годините на последовни суши ги исцрпуваат резервите на подземните води. Почвата стана сува во Шпанија и јужна Франција. Ниското ниво на реки и акумулации го загрозува производството на хидроенергија ова лето.
Со зголемувањето на температурите кон летните просеци, научниците предупредуваат дека Европа е упатена кон уште едно брутално лето. Минатото лето беше најжешкото досега, што ја поттикна сушата за која истражувачите од Европската унија велат дека е најлоша во последните 500 години.
Засега најтешка е ситуацијата во Шпанија. „Ситуацијата со сушата ќе се влоши ова лето“, вели Хорхе Олчина, професор по географска анализа на Универзитетот во Аликанте во Шпанија. Во овој момент, има мали шанси дождот да ја реши основната суша. „Во овој период од годината, единственото нешто што можеме да го имаме се локални бури, кои нема да го решат дефицитот на врнежите“, изјави Олчина за Ројтерс.
Барајќи итна помош од Европската унија, шпанскиот министер за земјоделство, Луис Планас, предупредува дека „оваа суша е од такви размери што нејзините последици не можат да се решат само со национални средства“.
Јужна Европа не е единствената што оваа година страда од сериозен недостиг на вода. Рогот на Африка минува низ најлошата суша во последните децении, додека историската суша во Аргентина ги уништи посевите на соја и пченка.
Почестите и потешки суши во медитеранскиот регион – каде просечната температура сега е за 1,5 степени Целзиусови повисока од пред 150 години – се во согласност со предвидувањата на научниците дека климатските промени ќе влијаат на регионот. „Во однос на климатските промени, тоа многу добро се вклопува со она што го очекуваме“, рече Хејли Фаулер, професор по влијанија на климатските промени на Универзитетот во Њукасл.
И покрај овие долгорочни прогнози, подготовките доцнат. Многу земјоделски региони допрва треба да усвојат методи за заштеда на вода, како што е прецизното наводнување или да се префрлат на култури потолерантни на суша, како што е сончогледот.
„Владите доцнат. Компаниите доцнат“, рече Роберт Вотар, климатолог и директор на францускиот институт Пјер-Симон Лаплас. Некои компании не ни помислуваат да го променат моделот на потрошувачка, туку само се обидуваат да најдат некоја чудотворна технологија која ќе донесе вода.
Франција излегува од својата најсуша зима од 1959 година, со предупредувањата за суша веќе активирани во четири департмани, ограничувајќи ја неприоритетната употреба на вода – вклучително и за земјоделството.
Португалија, исто така, доживува порано доаѓање на суша. Приближно 90% од територијата страда од суша, при што силната суша погоди една петтина од земјата – речиси пет пати повеќе од површината забележана една година порано.
Во Шпанија, која забележа помалку од половина од просечните врнежи до април оваа година, илјадници луѓе се потпираат на вода за пиење со камиони, додека регионите како Каталонија воведоа ограничувања за вода. Некои земјоделци веќе пријавиле загуби на земјоделски култури до 80%. Меѓу погодените култури се житарките и маслодајните култури.
„Ова е најголемата загуба на жетвата во последните неколку децении. Ситуацијата е уште полоша од минатата година“, рече Пека Песонен, кој ја предводи европската земјоделска групација Копа-Когека, за ситуацијата во Шпанија. Шпанија произведува половина од маслинките и една третина од овошјето во ЕУ.
Со своите акумулации со просечен капацитет од 50 отсто, земјата издвои повеќе од две милијарди евра минатата недела за финансирање на итни случаи. Тој се уште го чека одговорот на Европската комисија за неговото барање за користење на кризниот фонд од 450 милиони евра од буџетот на ЕУ за земјоделски субвенции. Комисијата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
„Силната суша во јужна Европа предизвикува особено загриженост, не само за тамошните земјоделци, туку и затоа што може да ги зголеми и онака многу високите потрошувачки цени“, рече портпаролката на Комисијата, Миријам Гарсија Ферер.
Слични проблеми може да се појават и во Италија, каде што до 80% од снабдувањето со вода оди за земјоделството. Со годинешната тенка снежна покривка и ниската влажност на почвата, италијанските земјоделци планираат да ја намалат површината за сеидба за 6% во однос на лани.
По две години недостиг на вода, делови од северна Италија влегоа во мај со 70% дефицит во резервите на снежна вода и 40% дефицит на влага во почвата, рече Лука Брока, директор за истражување на италијанскиот Националниот совет за истражување. Со вака исушена почва дождот не се апсорбира, што има катастрофални последици. Властите во Италија соопштија дека повеќе од 10 лица загинале во поплавите во италијанската област Емилија Ромања.