Полицијата во Велс објави нова снимка од масовна тепачка на погреб во која биле користени мачети, секири, цигли, безбол палки и чекани. Девет лица кои присуствуваа на погребот беа уапсени минатиот месец, шест месеци откако расправијата меѓу две групи роднини стана насилна пред крематориумот Мористон во Свонси.
На снимката се гледа разбеснета толпа која трча низ гробиштата со оружје, додека возилата брзаат меѓу надгробните споменици. Во еден дел, Џејмс Кофи, кој беше затворен на две години и три месеци за претходна тепачка, ја проверува главата дали има рани додека крвта му тече по вратот.
Во друг тензичен момент возило кое се движи со брзина од 30 километри на час за влакно промашува инвалид во инвалидска количка и лицето кое го турка додека одат покрај гробовите.
„Мислам дека луѓето беа шокирани од овој инцидент – неговиот обем, степенот на насилство, локацијата и непочитувањето што го покажаа еден кон друг. Имајќи го предвид видот на оружјето што се користеше и начинот на кој возилата беа возени околу гробиштата, среќа е што никој не е убиен, изјави за Велс онлајн инспекторот Карл Прајс, кој беше задолжен за истрагата.
Полицијата ги пребарала болниците во југозападен Велс по судирите, бидејќи знаела дека инволвираните лица биле сериозно повредени. Камерите фатија неколку од осомничените како се обидуваат да го отстранат оружјето фрлајќи го во поток на работ од блиската фарма.
Подоцна во судот во Свонси беше кажано дека тепачката била предизвикана од кавга помеѓу две „фракции“ во поширокото семејство. На едната страна беа О’Брајан и Кофи, а на другата Марфи и Томас. Во тоа време се одржуваа уште два погреби. Судијата Пол Томас изјави дека учесниците во тепачката се подготвувале за инцидентот.
„Беше надвор од случајност што на двете страни од конфликтот беа пронајдени најмалку една мачета, чекан, безбол палка, рачка од пик, лопата, а можеби и палки за голф. Според достапните снимки, некои од присутните на погребот биле облечени соодветно за погреб. Многу други беа во елеци со оружје што лесно можеа да го спакуваат во своите возила или сами“, рече судијата.