(ВИДЕО) Масовен протест во Тел Авив: „Стоп на војната“

Од:

Десетици илјади демонстранти се собраа во Тел Авив за да побараат крај на војната во Газа и итно ослободување на заложниците. Ова е една од најголемите демонстрации во Израел откако започна конфликтот во октомври 2023 година, а следеше по генерален штрајк организиран за притисок врз владата да ги запре воените дејствија, пишува „Гардијан“.

Собирот вечер беше кулминација на денот на национални протести. Огромни толпи се собраа на плоштадот во Тел Авив, епицентарот на протестното движење, скандирајќи: „Вратете ги сите дома! Запрете ја војната!“.

Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица, кој ги организираше протестите, процени дека само во Тел Авив се собрале околу 500.000 луѓе, иако полицијата не ја потврди таа бројка.

„Бараме сеопфатен и остварлив договор и крај на војната“, рече Еинав Зангаукер, мајка на заложникот Матан и една од водечките личности во протестното движење и додаде:

„Бараме она што ни следува – нашите деца. Израелската влада ја претвори праведната војна во бесмислена војна“.

Тензијата дополнително се зголеми со видео пораката на Матан Зангаукер објавена од националните медиуми во неделата. Во видеото, направено од Хамас и пронајдено од израелската армија, видливо слаб и гладен заложник му се обраќа на своето семејство. „Ова е веројатно последниот момент што го имаме за да ги спасиме заложниците“, изјави за АФП 50-годишниот демонстрант Офир Пенсо.

Протестите се случија после овеќе од една недела откако израелскиот кабинет за безбедност ги одобри плановите за заземање на градот Газа, 22 месеци по почетокот на војната што предизвика сериозна хуманитарна криза на палестинската територија. Организаторите рекоа дека демонстрантите ќе ја „затворат земјата“ за да обезбедат враќање на заложниците и крај на војната. Низ целиот Израел, демонстрантите блокираа патишта, палеа гуми и се судрија со полицијата.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги критикуваше демонстрантите, тврдејќи дека нивните постапки „не само што ја зајакнуваат позицијата на Хамас и го одложуваат ослободувањето на нашите заложници, туку и обезбедуваат повторување на ужасите од 7 октомври“.

Од друга страна, членовите на владата кои се спротивставија на каков било договор со Хамас ги осудија протестите. Министерот за финансии на крајната десница, Безалел Смотрих, ги нарече „перверзна и штетна кампања што му оди во прилог на Хамас“ и повика на „предавање“. Лидерот на опозицијата, Бени Ганц, ја осуди владата за „напад врз семејствата на заложниците“, истакнувајќи дека таа „сноси одговорност за заробеништвото на нивните деца од страна на Хамас речиси две години“.

Во меѓувреме, Египет објави обновени напори од страна на медијаторите за посредување во 60-дневно примирје кое би вклучувало ослободување на заложниците, откако разговорите во Катар завршија без резултати.

Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 61.000 Палестинци, претежно цивили, биле убиени во израелската воена офанзива. Оваа бројка не ги вклучува илјадниците луѓе за кои се верува дека се закопани под урнатините, како и оние кои загинале како директен резултат на војната.

Би можело да ве интересира

Додик за израелските пасоши: Отворената омраза на Бошњаците кон Евреите и Израел се демонстрира на секој чекор

Шест повредени полицајци, 56 лица приведени по протестите во Србија

Изгладнета 20-годишна Палестинка почина во Италија откако беше евакуирана

Израелски медиуми: 47 израелски туристи останаа заробени во БиХ откако нивните пасоши беа фрлени во ѓубре

ВИДЕО: Снимката од израелски министер кој го провоцира затворениот палестински лидер предизвика бес

ВИДЕО: Студентите во Ниш изјавија дека ова повеќе не е нивен протест

Предраг Петровиќ