Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Русија „ги држи картите“ во какви било мировни преговори за ставање крај на војната во Украина бидејќи „зазела многу територија“.
„Мислам дека Русите сакаат да го видат крајот на војната, навистина мислам. Мислам дека тие ги имаат картите бидејќи зазедоа многу територија. Тие ги имаат картите“, изјави Трамп за Би-Би-Си додека се враќаше во Вашингтон по говорот на инвестицискиот состанок во Флорида, кој беше поддржан од Саудиска Арабија.
Трамп, исто така, рече дека верува оти Москва сака да види крај на војната што ја започна пред речиси три години со целосна инвазија на Украина.
Видеото од изјавата на Трамп на ОВОЈ ЛИНК.
Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор“ вторпат во еден ден за време на говорот на Флорида. „Тој ги отфрла изборите. Ниско е на украинските анкети. Како можеш да бидеш висок додека секој град се урива? рече Трамп.
Зеленски неговата изјава ја нарече „дезинформација“, обвинувајќи го дека живее „во простор на дезинформации што доаѓаат од Москва“. Неговиот петгодишен мандат требаше да истече во мај годинава, но изборите беа прекинати поради воената состојба која е на сила од февруари 2022 година.
Трамп тврдеше дека Зеленски има само 4 отсто поддршка во Украина, но Би-Би-Си објави дека анкетата спроведена овој месец покажа дека 57 отсто од Украинците имаат доверба во својот претседател.
Изјавите на Трамп предизвикаа критики од европските лидери, а германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека е „едноставно погрешно и опасно да се негира демократскиот легитимитет на претседателот Зеленски“.
Европските лидери предупредуваат дека не треба да се постигне договор без учество и согласност на Украинците, а бараат и ЕУ да има свое седиште на масата во мировните преговори. Во овој контекст, Трамп бара Европа да биде гарант за прекинот на огнот во Украина со испраќање свои војници во Украина.
Велика Британија и Франција не го отфрлија предлогот, но низ целиот континент постои резервираност кон таквата идеја. „Не можеме да испратиме војници без да постигнеме праведен мир“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.