Преживеаните и семејствата на 287 лица, претежно ученици, кои се уште се водат како исчезнати, по несреќата на јужнокорејскиот траект, изразија револт поради однесувањето на капетанот и екипажот, кои најверојатно меѓу првите го напуштиле бродот, кога започнал да тоне.
Како што пренесува „Гардијан“, шестте члена на екипажот и капетанот Ли Џон-сеок, само 40 минути откако бродот започнал да тоне, побегнале од него.
Неименувано официјално лице од крајбрежната стража, рече дека против капетанот е поднесена кривична истрага, поради наводите дека тој бил еден од првите кои скокнале во водата и се спасиле, пренесе „Ројтерс“.
-Им се извинувам на патниците, жртвите и нивните семејства- рече тој во центарот на крајбрежната стража во Мокпо, без да одговори на прашањата што точно се случило и зошто го напуштил бродот.
Медиумите наведуваат дека на капетанот му се закануваат обвиненија за неодговорност со смртен исход, како и за прекршување на законот за однесување на бродскиот екипаж.
Никој од преживеаните не може да прецизира кога точно капетанот го напуштил траектот, иако неколкумина од нив велат дека тоа го направил доста рано, додека други наведуваат дека во тоа време екипажот барал патниците да останат мирни и на своите места.
Оние кои го следеле упатството, подоцна сфатиле дека е невозможно да го напуштат бродот, откако тој нагло се свртел што предизвикало потполна паника.
Нацијата е во шок, но и револтирана поради големиот број докази дека на патниците не им е дадена можност да го напуштат бродот, туку се советувани да останат мирни.
Спасувачките напори продолжуваат со надеж дека некои од исчезнатите патници се уште се живи.
Јужнокорејската претседателка Парк Геун-Хје во тек на состанок се соочи со гневните родители на стотина ученици, кои исчезнаа во несреќата.
Во излив на емоции, родителите викале и се расправеле со претседателката и другите официјални лица.
-Што правите додека луѓето умираат. Времето истекува-извикувала една жена, додека Парк се обидувала да одржи говор.
Е. Г.