Со цвеќиња, молитви и истрелување на 19 топови, Јапонија му оддаде почит на убиениот Шинзо Абе на првиот државен погреб на поранешен премиер во последните 55 години – церемонија која предизвика поделби.
Убиството на Абе на предизборен митинг на 8 јули предизвика серија откритија за врските меѓу пратениците во владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), која некогаш ја водеше, и Црквата на обединување, која критичарите ја нарекуваат култ.
Противењето на чествувањето на Абе со државен погреб, прв ваков настан од 1967 година, не стивнува, особено поради трошоците од 11,5 милиони долари што државата ќе ги сноси во време на економски тешкотии што ги чувствуваат обичните граѓани.
Протест против државниот погреб
Во еден дел од центарот на Токио, демонстрантите извикуваа дека не сакаат државен погреб за Абе. Сепак имаше и илјадници кои влегуваа во објектот на погребот за да оддадат почит. За неколку часа, околу 10.000 луѓе положија цвеќе и се поклонија во тивка молитва пред сликата на Абе.
Шинзо Абе беше јапонскиот премиер со најдолг мандат.