Индиската армија денеска соопшти дека нејзини припадници гранатирале позиции на пакистанската војска во поделената потхималајска провинција Кашмир.
Претставник на индиската војска во Њу Делхи изјави дека операцијата била преземена за да се „запре помагањето на милитантите од страна на пакистанската армија“, кои, според него, благодарејќи на тоа се префрлаат во индискиот дел на Кашмир.
Според овој извор, во реонот на Кашмир биле убиени „бројни милитанти“, што се очекува да ги демотивира локалните млади луѓе „да не се фаќаат за оружје“.
Индискиот воен претставник не соопшти кога било извршено гранатирањето на пакистанските позиции.
#WATCH Pakistani posts destroyed by Indian Army in Nowshera (Jammu and Kashmir) pic.twitter.com/whrWb0wMfg
— ANI (@ANI_news) May 23, 2017
Пакистанската армија, пак, во соопштение ги отфрли како неточни сите наоди на Индијците.
Проблемите и судирите меѓу Индија и Пакистан околу Кашмир траат веќе 70 години, уште од времето на стекнувањето на независноста на овие две соседни земји.
Од моментот на независноста од Велика Британија, Индија и Пакистан тврдат дека само ним треба да им припадне целата територија на провинцијата.
Двете земји досега двапати војуваа поради Кашмир. По последното примирје, територијата на Кашмир е поделена на пакистански и индиски сектор, а линијата на разграничување на двете армии сега практично е граница меѓу Индија и Пакистан.