ВИДЕО: Илјадници мигранти влегоа во Сеута, локалните власти бараат распоредување на војската

Од:

Голем број мигранти денеска влегоа во шпанската северноафриканска енклава Сеута, откако ја совладаа полицијата кај морскиот насип и од мароканска страна препливаа до шпанската територија, соопшти Шпанската цивилна гарда.

Портпарол на Цивилната гарда изјави дека мигрантите „масовно пристигнуваат по море“ преку насипот Тарахал, но не можеше да даде точна проценка за нивниот број.

Според шпанската државна телевизија TVE, границата ја преминале меѓу 2.000 и 3.000 лица, додека државната новинска агенција EFE објави дека дел од мигрантите наместо да препливаат, ги прескокнувале граничните огради.

Сеута, заедно со Мелиља, е единствената копнена граница меѓу Европската Унија и Африка. Двата шпански автономни града периодично се соочуваат со масовни обиди за нелегално преминување на мигранти кои сакаат да стигнат до Европа.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како дел од мигрантите извикуваат „Да живее Шпанија“ додека влегуваат во Сеута. Голем број од нив препливале од мароканскиот брег користејќи гумени цевки и други помагала за пловење.

Активистот за правата на мигрантите Закарија Зароки изјави дека денешниот бран потсетува на кризата од мај 2021 година, кога околу 10.000 луѓе од Мароко и земјите од Субсахарска Африка влегоа во Сеута за само неколку дена.

„Ситуацијата и натаму е надвор од контрола“, изјави Зароки, додавајќи дека луѓето и понатаму пристигнуваат во мароканскиот град Фнидек со намера да ја преминат границата.

Во меѓувреме, Врховниот суд на Шпанија неодамна пресуди дека мигрантите пресретнати на море при обид да стигнат до Сеута или Мелиља не смеат автоматски да бидат враќани според специјалниот режим што важеше за овие енклави.

„По одлуката на Врховниот суд бројот на пристигнувања постепено растеше, но денес дојде до вистинска експлозија“, изјави портпаролот на Цивилната гарда за Ројтерс.

Поради драматичниот развој на настаните, претседателот на автономниот град Сеута, Хуан Хесус Вивас, ја повика шпанската влада да прогласи вонредна состојба поради масовниот прилив на мигранти.

Регионалната влада на Сеута, исто така, побара од Мадрид да ја распореди армијата за да ја гарантира безбедноста и да ја затвори границата со Мароко.

Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека тесно соработува со Мароко за справување со зголемениот број нелегални преминувања, обвинувајќи ги мрежите за криумчарење луѓе дека ја користат неодамнешната судска одлука за да ги поттикнат мигрантите на нелегално влегување во земјата.

Масовниот бран доаѓа само една недела откако повеќе од 1.500 мигранти препливаа до Сеута, според податоците на регионалните власти.

Би можело да ве интересира

Пентагон започна ревизија на силите во Европа, во фокусот е Кина

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Повторно одмазда со ракетен напад, Техеран тврди дека уништил авиони Ф-35

Предраг Петровиќ

Речиси 13.000 починати поради жештините во Германија и Велика Британија

ВИДЕО: Огнената апокалипса во Франција и Шпанија продолжува да уништува, стотици илјади луѓе ги напуштија домовите

Катерина Ѓуровски

Осомничениот за терористичкиот напад на Берлин Прајд, Абдул Балу, е убиен во полициска акција

Безбедносни служби тврдат: Путин вложува милијарди во потрага по долговечност