Илјадници луѓе пристигнаа на погребната поворка на лидерот на Хамас Исмаил Ханије, која денеска се одржува во Иран. Ханије беше убиен вчера за време на неговиот престој во Техеран. По поворката неговото тело ќе биде однесено во Доха, главниот град на Катар, каде ќе биде погребан утре.
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, му нареди на Иран директно да го нападне Израел како одмазда за убиството на лидерот на Хамас, според тројца ирански претставници, објави Њујорк тајмс. Хамнеи ја издаде наредбата на вонредниот состанок на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, набргу откако Иран објави дека Ханије е убиен, изјавија тројца ирански претставници, вклучително и двајца членови на Револуционерната гарда.
Иран и Хамас го обвинија Израел за атентатот, додека Израел, кој е во војна со Хамас во Појасот Газа, ниту го призна, ниту го негираше убиството. Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја им задала големи удари на своите непријатели во последните денови.
Тој ги предупреди Израелците дека ги очекуваат тешки денови. „Слушнавме закани од сите страни. Подготвени сме за секое сценарио. Ќе бидеме обединети и одлучни“, рече тој во телевизиското обраќање. Ханије, кој одигра важна улога во преговорите за прекин на огнот во Газа, беше убиен неколку часа откако присуствуваше на инаугурацијата на новиот ирански претседател, Масуд Пезешкијан, во Техеран.
Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека убиството се случило во истата зграда во која престојувала Ханије за време на претходните посети на Иран. Тројца лидери на Хамас и бројни чувари биле со него во зградата. Неколку часа пред нападот на Ханије, Израел соопшти дека го убила високиот лидер на Хезболах – Фуад Шукра – во Бејрут.