Илјадници се евакуирани од западниот дел на Сиднеј и средниот северен брег на Нов Јужен Велс, бидејќи поројните дождови и денеска продолжија да паѓаат во оваа источна австралиска држава.
Утринава беа пуштени 40 предупредувања за поплави и 20 наредби за евакуација од средниот северен брег надолу кон регионот Илавара, на околу 600 километри јужно, вклучувајќи го и западниот дел на Сиднеј, а се очекува во текот на денот да бидат објавени уште вакви предупредувања и наредби, додава германската агенција.
Од поплавените подрачја веќе се евакуирани илјадници лица и околу 54.000 жители може да бидат зафатени бидејќи Нов Јужен Велс се соочува со уште најмалку два дена поројни дождови, изјави денеска сојузниот министер за управување со вонредни состојби Дејвид Литлпруд.
-Зборуваме за закрепнување, но ни требаат уште 24 до 48 часа да поминеме низ ова, изјави Литлпруд за програмата „ДенесЗ“ на Канал 9.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, изјави дека вкупно околу 18.000 лица се евакуирани од своите домови, од кои 15.000 се во некои области околу Порт Меквари, каде за шест дена се регистрирани речиси 900 милиметри паднат дожд на метар квадратен.
Останатите 3.000 евакуирани лица се од западниот дел на Сиднеј, околу системите на реките Непеан и Хоксбери, изјави Береџиклијан пред новинарите, додавајќи дека постои загриженост и за ситуацијата што се развива во регионите Илавара и Јужниот брег.
-Никогаш не сум видел врнежи од дожд како овие. Сум работел при голем број поплави, а оваа е најголемата во мојата кариера, изјави надзорникот на Државната служба за вонредни состојби (СЕС) на Нов Јужен Велс, Шејн Криб, за националниот радиодифузер Еј-Би-Си, зборувајќи конкретно за ситуацијата во пристаништето Меквари.