Драматични сцени од протестите во Чиле, на кои се гледа како 16-годишен демонстрант паѓа од мост во Сантјаго откако го напаѓа полицијата, го обиколија светот.
На протестот во главниот град на Чиле, поврзан со претстојниот референдум за уставните измени, полицијата во петокот добила наредба да ги разбие демонстрантите, кои фрлале со молотови коктели и камења кон нив.
Кога специјалците тргнале во офанзива на плоштадот „Италија“, момчето на снимката се нашло на мостот опколено од кордонот, а снимен е моментот кога еден од полицајците го удира, а тоа се превртува преку оградата и паѓа од висина од над пет метри во плитката река Мапочо.
Момчето било итно оперирано поради тешките повреди од падот – скршен врат и потрес на мозокот, а неговата состојба и натаму е сериозна.
Според чилеанските медиуми, полицаецот одговорен за бруталниот чин е уапсен во саботата и обвинет за обид за убиство.