Американските сојузни држави Арканзас, Луизијана, Илиноис и Оклахома се зафатени со поплави по обилните дождови кои траат повеќе од една недела.
Најмногу е погоден централниот дел на Соединетите американски држави, каде најмалку шест лица загинаа, голем број домаќинства се поплавени, а автопатиштата се претворени во езера.
Локалните власти во Оклахома предупредија дека повеќедеценискиот систем за насипи може да биде загрозен и доколку се повлече водата во текот на овој викенд.
Националната гарда организираше 24-часовни патроли на 32-километарскиот систем за насипи, кој штити околу 10.000 луѓе.
– Поплавите во Арканзас затворија 12 државни автопати, а 400 домаќинства се согласија на доброволна евакуација, изјави гувернерот на Арканзас, Аса Хачинсон.
Повеќе од 300 торнада го зафатија Средниот запад на САД во последните две недели. Во понеделникот еден човек загина, а најмалку 130 беа повредени во неколку торнада во американските држави Охајо и Индијана.
Метеорологот на Националната метеоролошка служба Боб Оравец како добра вест најави дека ова подрачје неколку дена ќе биде без дождови.