Осум луѓе се повредени, а една жена се здобила со тешки изгореници во напад на мирен митинг за поддршка на израелските заложници во Газа, што се случи вчера во центарот на Болдер, Колорадо. Напаѓачот, 45-годишниот Мохамед Сабри Солиман, извикувал „Слобода за Палестина“ додека фрлал запаливи средства кон толпата. ФБИ го третира инцидентот како терористички напад.
Нападот се случил во популарната пешачка зона на улицата Перл, четири градски блока во срцето на Болдер. Насобраните учествуваа во неделната прошетка за поддршка на израелските заложници, организирана од волонтерската група Run For their Lives.
На видеото кое го објави Си-Ен-Ен се гледа гол маж со две шишиња во рацете како извикува: „Слободна Палестина!“, „Стоп за ционистите!“ и “Тие се убијци!” Додека полицаец со пиштол се обидува да го спречи, сведоците викаат: „Фрла молотови коктели!“
Меѓу повредените има и постари лица – на возраст од 67 до 88 години. Некои се здобиле со полесни повреди, додека други се здобиле со тешки изгореници.
Една жена морала да се фрли на земја и да се тркала за да го изгасне пламенот на себе.
Полицијата го идентификуваше напаѓачот како Мохамед Сабри Солиман, египетски државјанин на кој визата истече во 2023 година. Си-Би-Ес известува дека неговото барање за азил било одбиено во 2005 година и не е јасно кога и како повторно влегол во САД. Властите потврдија дека тој дејствувал сам и дека не се трага по други осомничени.
Солиман исто така е повреден и пренесен во болница, но природата на неговите повреди не е позната.
Стивен Милер, поранешен советник на Трамп и актуелен заменик началник на кабинетот на Белата куќа, напиша на Х дека администрацијата на Бајден му дала на Солиман туристичка виза што ја користел, а потоа и работна дозвола. Тој го нарече илегален имигрант.
Шефот на канцеларијата на ФБИ во Денвер, Марк Михалек, рече дека нападите како овој станаа премногу вообичаени низ целата земја.
„Напаѓачите продолжуваат да им се закануваат на заедниците низ САД“, рече тој.
Заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, рече: „Ова е терористички чин кој се истражува како идеолошки мотивирано насилство. Ќе се изјасниме кога ќе ги имаме сите факти“.
Американското Министерство за правда го нарече нападот непотребен чин на насилство, во контекст на неодамнешните напади врз Евреите во САД.
Нападот доаѓа само една недела откако друг маж, кој исто така извикуваше „Слободна Палестина“, уби двајца вработени во израелската амбасада пред Еврејскиот музеј во Вашингтон.