Сериски убиец од Канада, кој отслужува доживотна затворска казна за убиство на 49 жени, признал дека сака да изврши уште едно убиство за да стигне до јубилејната 50-та жртва.
Роберт Пиктон (68), исто така познат како „убиецот од свињарската фарма“, телата на своите жртви ги мелел и месото како свинско им го продавал на локалните потрошувачи без нивно знаење или пак го користел за да ги нахрани своите свињи.
Убиецот бил уапсен во февруари 2002-ра година и бил осуден за убиство на шест жени. За време на судењето, истрагата открила дека убил уште 20 жени, но обвиненијата за тие убиства никогаш не резултирале со судење поради правно-процедурални тешкотии. Сепак, ДНК на сите 26 убиени жени била пронајдена на неговата фарма.
Пиктон злосторствата ги признал во затвор пред канадски таен агент, кој се претставувал како негов цимер во ќелијата. Во разговорот тој открил дека во периодот од 1991-ва до 2002-ра година убил вкупно 49 жени.
„Мислев да направам само уште едно (убиство), за да стигнам до јубилејната бројка. Ми фали само уште едно за големата 50-ка“, се доверил злосторникот во разговорот со тајниот агент.
„Бев уморен и несмасен на крајот, премногу несмасен… Ме фатија на една… Имаат ДНК. Си го ископав сопствениот гроб, бидејќи бев несмасен. Колку тешко ми се врати грешката“, рекол убиецот, а снимката од неговата исповед беше објавена од страна на каналот „Си-би-ес“ во нова специјална репортажа во епизода од документарната серија „Voice of a Serial Killer“.
Кога агентот го запрашл Пиктон зошто не ги фрлал телата во морето, серискиот убиец одговорил: „Имав подобро решение за тоа… фабриката за преработка на месо“.