Два часа интензивно бомбардирање, а потоа тишина. Вака шпанскиот дневник El País го опишува американскиот напад врз Венецуела, при што системите за противвоздушна одбрана од руско производство не возвратиле оган.
Според весникот, венецуелската противвоздушна одбрана била онеспособена уште во првиот бран од американското бомбардирање и ракетирање. Земјата располагала со 12 руски системи 9K317E „Бук-М2Е“, набавени врз основа на договор потпишан во 2015 година, но според објавените снимки, тие „воопшто не реагирале“.
Американскиот удар започна во саботата околу 1:50 часот по локално време (6:50 по средноевропско време), кога одекнаа првите експлозии. Звукот на авионите кои ја надлетуваа Венецуела, проследен со силни детонации, траел околу два часа.
По стивнувањето на експлозиите, државната телевизија VTV емитуваше соопштение од венецуелската влада, во кое беа потврдени нападите на Соединетите Американски Држави. Прогласена беш вонредна состојба, а граѓаните беа повикани да излезат на улиците.
Набргу потоа се огласили венецуелскиот министер за одбрана, Владимир Падрино, кој според CBS News изјави дека „Венецуела ќе се брани од присуството на странски трупи“. Тој најави дека копнените, воздушните и поморските сили се подготвени да ја бранат земјата, вклучително и со балистички системи, по наредба на претседателот Николас Мадуро.
Притоа, Падрино не ја спомнал информацијата дека Мадуро и неговата сопруга биле приведени и изнесени од земјата, ниту дека владата во тој момент немала информации каде се наоѓа тој. Потпретседателката Делси Родригез изјави дека Венецуела бара од САД доказ дека Мадуро е жив.
„Нѐ нападнаа, но нема да нѐ покорат“, порача Падрино, повикувајќи на создавање единствен фронт на отпор „пред најтешката агресија против Венецуела во нејзината историја“.
Сепак, по неговото обраќање, земјата, според El País, потонал во тишина.
„Луѓето останаа во своите домови. Улиците на Каракас во саботата наутро, на 3 јануари, беа празни и тивки“, наведува шпанскиот дневник.
