Првпат по 50 години, САД се враќаат на Месечината. Американската приватна компанија „Intuitive Machines“ од Хјустон потврди дека нејзиниот вселенски слетувач наречен „Одисеј“ успешно се стационирал на лунарната површина во близина на јужниот пол на Месечината, но засега емитува слаб сигнал. Потфатот се смета за историски бидејќи има значителен придонес и за комерцијалното истражување на вселената, но и за американската вселенска програма во целост.
Американската вселенска агенција НАСА купи простор на Одисеј за шест научни инструменти, а нејзиниот администратор Бил Нелсон побрза да им честита на Интуитив Машинс за мисијата што тој ја опиша како „триумф“.
„САД се вратија на Месечината“, рече тој. „Денес, за прв пат во историјата на човештвото, комерцијална компанија – американска компанија – започна и го водеше патувањето до таму. И денес е денот што ја покажува моќта и ветувањето на комерцијалните партнерства на НАСА“.