ВИДЕО: Америка го нападна Иран, експресно одговори Револуционерната гарда

Од:

Соединетите Американски Држави извршија силен напад врз ирански складишта за ракети и дронови, како и врз радарски позиции на брегот, соопшти Американската централна команда (CENTCOM). Според соопштението, нападот бил одговор на ирански напад со дрон врз танкер во Заливот.

Во исто време, иранската државна телевизија ИРИБ (IRIB) јави дека во близина на пристаништето Сирик, на југот на земјата, се слушнала силна експлозија.

Иранската Исламска револуционерна гарда (IRGC) во официјално соопштение за новата ескалација и синоќешните напади директно го обвини „американскиот режим кој ги крши сите договори“.

Според нивните тврдења, САД извршиле воздушен напад врз иранскиот брег „под изговор дека брод користел неовластена рута во Ормутскиот Теснец“. IRGC наведува дека нивната морнарица веднаш возвратила и погодила американски воени позиции во регионот, но засега не објавила детали за целите или за причинетата штета. Би-Би-Си веќе побара официјален коментар од Пентагон.

„Доколку агресијата се повтори, нашиот одговор ќе биде значително пообемен од овој“, порача IRGC на крајот од соопштението.

Ова е прв американски напад откако двете земји потпишаа Меморандум за разбирање. Документот, познат и како Исламабадска декларација, го потпишаа американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Со него беше договорен итен и траен прекин на воените операции на сите боишта, вклучително и во Либан. Договорот предвидува прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и повторно отворање на Ормутскиот Теснец за слободна и безбедна пловидба на трговските бродови.

Во согласност со договорот, САД се обврзаа да издадат привремени дозволи за извоз на иранска нафта на светскиот пазар, како и да започнат процес на одмрзнување на иранскиот имот во странство.

Меморандумот служи како политичка рамка за преговори кои, во рок од 60 дена, треба да доведат до конечен и сеопфатен мировен договор, вклучително и решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма.

Би можело да ве интересира

Џефрис: Хегсет мора да си оди, ја загрози националната безбедност на САД

(ВИДЕО) Трамп: Омразата меѓу Путин и Зеленски е главната пречка за мир, Украина ќе има поинакви граници

Техеран ѝ се закани на Америка со разорен одговор, Аракчи порача: „Ќе ги видите резултатите“

Трамп сакаше шефот на УФЦ да биде портпарол на Белата куќа, го одби

ВИДЕО: Иран објави снимки од воените тунели

ВИДЕО: Новиот шеф на Белата куќа е креатор на најконтроверзните политики

Катерина Ѓуровски