Бурата „Кејти“ која ноќеска и утринава ги погоди јужна Англија и Велс, како и пошироката околина на Лондон, предизвика материјална штета, прекини во сообраќајот и закани од нови поплави, јави Би-Би-Си.
Ветерот со брзина која некаде достигна и до 170 километри на час, предизвика паѓање на повеќе градежни кранови и на градежни скелиња, во населби од пошироката околина на Лондон, како и во Рединг и во делови од областа Сари.
Лондонската противпожарна служба соопшти дека морала да интервенира во повеќе од 110 вакви инциденти, но засега нема податоци за повредени или за загинати.
Британската Метеоролошка служба прогласи „портокалова“ тревога за Лондон и југоисточна Англија, а „жолта тревога“ за јужните реони на Велс и на англискиот југозапад.
Тоа предизвика три моста на главните патни правци низ Англија да бидат затворени за сообраќај.
Најголема силина на ветерот е регистрирана во реонот на островот Вајт, во Ламанш, каде повремено ветерот дувал со брзина поголема и од 170 километри на час. Тоа предизвика привремено затворање на транспортот на фериботите преку каналот Ламанш, како и прекин на пловидбата во реонот на Вајт и блиското пристаниште Портсмут.
Најголеми проблеми има во авионскиот сообраќај, откако двата најголеми британски аеродрми- Хитроу и Гетвик – мораа да откажат стотина летови и да ги пренасочуваат авионите кон Манчестер, Ливерпул, Бирмингем, или кон сверениот лондонски аеродром Станстед.
Аеродромот Хитроу досега има откажано повеќе од 60, додека Гетвикк откажа слетување за повеќе од дваесет летови, десетици другислетувања или полетувања се одложени.
Бурата „Кејти“ се случува на најнезгодното време, на крајот од велигденското празнување во Велика Британија и кога најголемиот број од луѓето денеска се враќаат од кусите одмори што ги имаат поминато во странство.