Европската Унија одобри нови санкции против седум лица блиски до режимот на Николас Мадуро поради нарушување на човековите права и тортура врз демонстранти.
Одлуката е донесена синоќа на амбасадорско ниво и ќе биде потврдена на следниот министерски состанок. Барање за проширување на санкциите бараше Европскиот Парламент, а бројните злосторства и нарушувања на правата на демонстрантите против режимот беа подробно опишани во извештај на Обединетите Нации летово.
Бројот на лица под санкции на ЕУ во Венецуела изнесува сега 25, нивните имоти се замрзнати и им е забрането да патуваат во земјите на Унијата.
На крајот на октомври во Брисел ќе се одржи и конференција за политичката криза во Венецуела, организирана од страна на високата претставничката за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.