Првпат по десет години прозиводството на пченица во Велика Британија не ќе може да ги задоволи домашните потреби и земјата ќе биде приморана да ја купува оваа житна култура од странство, изјави претседателот на британскиот Национален сојуз на фармерите, Питер Кендал во интервју за радиото Би-Би-Си 4.
– Поради лошите временски услови минатото лето во Обединетото Кралство се уништени над два милиони тони пченица. Продолжената зима оваа година исто така лошо ќе се одрази на есенската реколта, истакна Кендал.
Лани просечниот принос на пченица во Велика Британија се намалил од 7,8 на 6,7 тони по хектар, додека за оваа година, според Кендал, тој се очекува да опадне за уште една четвртина.
– Ако ожнееме само 75 проценти од нивото на ланската реколта, ќе добиеме 11 милиони тони пченица, додека нашата домашна потреба изнесува 14,5 милиони тони, истакнува Кендал.