Велика Британија бара начин како да го отплати стариот долг кон Иран во вредност од 400 милиони фунти, изјави денеска британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
Станува збор за средства исплатени за набавка на британски тенкови „Чифтан“ што Иран требаше да ги добие уште пред Исламската револуција (1978/79 година).
Договорот за набавка на тенковите ги парафираа Велика Британија и власта на Шахот Реза Пахлави уште во 1971 година. Согласно одредбите во документот, Велика Британија била обврзана да му испорача на Иран 1.500 тенкови и оклопни возила. Иран однапред ја исплатил нарачката додека Лондон одбил да се придржува кон договореното поради Исламската револуција.
„Јасно дадовме на знаење дека се работи за легитимен долг кон Иран и се бара начин како тој да се исплати“, рече Трас потврдувајќи дека во Иран се наоѓа експертски тим што води разговори по прашањето.
Иранските државни медиуми минатата година пренесува изјави на официјални претставници на Техеран кои тврдеа дека откако ќе биде исплатен долгот ќе биде ослободена британско-иранската хуманитарна активистка, Назанин Захари-Ретклиф.
И британската и иранската страна не гледаат поврзаност на исплатата на долгот со односниот судски предмет.
Захари-Ретклиф, проект-менаџерката во Фондацијата „Томсон Ројтерс“ беше уапсена на аеродромот во Техеран во април 2016 година и подоцна обвинета и осудена за завера со цел уривање на верскиот естаблишмент во државата.
Поголемиот дел од казната таа ја одлежа во затворот Евин, додека од избувнувањето на епидемијата на Ковид-19 се наоѓа во куќен притвор кај нејзините родители во Техеран.
Извор: МИА