Велика Британија му одава признание на Винстон Черчил по повод 50 години од смртта

Од:

Британската политичка јавност и цела Велика Британија со низа комеморации и црковни служби, денеска му оддаваат признание на поранешниот премиер Винстон Черчил по повод 50 годишнината од неговата смрт.

На пригодната комеморација во британскиот Парламент, премиерот Дејвид Камерон го нарече Черчил „голем лидер и голем Британец“.

– Ако има нешто посебно на што му се восхитувам на овој човек, тоа е неговиот патриотизам, рече Камерон во обраќањето пред парламентарците, роднините на поранешниот премиер и гостите на комеморацијата.

Британскиот премиер положи венец на споменикот на Черчил, а вечерва специјална црковна служба ќе се одржи во катедралата Вестминстер Аби, наспроти зградата на Парламентот, во центарот на Лондон.

Во рамките на денешните комеморативни одбележувања по Темза пловеше истиот брод што пред половина век го носеше ковчегот со мртвото тело на Черчил. Бродот на кои беа најблиските членови од семејството на поранешниот премиер, пловеше од Тауер до Вестминстер во централниот дел на британскиот главен град.

Винстон Черчил беше на два пати британски премиер и умре во 1965 година на 90 годишна возраст.

Тој е роден во 1874 година, во дворецот Бленхајм, во англиската област Оксфордшир. Првпат е избран за пратеник уште во 1900 година.

Во 1915 година е сменет од владиниот состав, по катастрофата што ја доживеаја британските и австралиските војници кај Галиполе во битката со турската армија, во текот на Првата светска војна.

Првпат за премиер е избран во 1940 година, кога го наследи во Дауниниг стрит 10 дотогашниот премиер Невил Чембрлен, кој направи договор со Адолф Хитлер во 1938 година, верувајќи дека на тој начил обезбедил мир во Европа за само една година подоцна Британија да влезе во војна со нацистичка Германија.

Черчил остана премиер се до 1945 година, овенчан како победник од Втората светска војна и заедно со американскиот претседател Френклин Рузвелт, обележан како создавач на „специјалните врски“ меѓу Велика Британија и САД.

Иако победник од војната, на првите поствоени избори тој загуби од лабуристите на Клемент Атли. Се врати во Даунинг стрит 10 во 1951 година, но повеќе ја немаше популарноста од воените години, па се повлече од функцијата во 1955 година, формално од здравствени причини.

Остана британски пратеник се до пред својата смрт, десет години подоцна.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство