Вашингтон нема стратегија за Сирија

Од:

Дојче веле – Берлин

Најновите руски воени активности во Сирија ги намалуваат надежите за дипломатско решение на судирот, а Вашингтон се соочува со дилема и мора да донесе одлука дали Сирија е важна или не е.

По разговорот со Москва, Техеран најави дека следните денови ќе почне да спроведува политички план за решавање  на сирискиот судир. Вашингтон, се чини, е изненаден од тие чекори. Тоа не е првпат воените активности на Москва во Сирија во последно време да предизвикаат изненадување.

– Не сум запознат со никаква претходна најава на САД, кога станува збор за тие дополнителни активности на Русија, изјави портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Џон Кирби.

Потоа американскиот државен секретар Џон Кери во разговор со рускиот колега Сергеј Лавров повтори дека САД се загрижени поради акциите на Москва. Тоа беше негово трето јавување на Лавров во рок од десет дена.

Сега се појави најавата од од Техеран, а официјални реакции од САД се уште нема.

Истражувачот на Универзитетот „Сент Гален“, Џејмс Дејвис не е изненаден поради бавноста на Администрацијата на Обама во врска со воените дипломатски чекори на Русија и Иран.

– Оваа влада на САД не беше посебно вешта во развојот на стратегијата за Блискиот Исток, а пред се во Сирија, вели Дејвис.

– Една од моите критики на пристапот на Обама е дека САД се уште не се одлучиле дали таа тема им е доволно важна, додаде тој.

Од самиот почеток, вели Дејвис, САД беа нерешителен актер во сирискиот судир.

Наместо да покрене расправа за Сирија, Вашингтон „млако поддржа неколку бунтовнички групи, а потоа одлучи дека Исламската држава е опасна и истовремено го критикуваше гнасниот однос на претседателот на Сирија, Башар ал Асад‟.

Однесувањето на Русија не влијае само на судирот во Сирија, туку претставува понатамошна ескалација на тензиите меѓу САД и Русија, укажува шефицата на Одделот за Блискиот Исток на трустот на мозоците „ФРИДЕ“ од Мадрид, Кристина Каус.

– Важно е Западот да сфати дека на претседателот на Русија, Владимир Путин не му е дојдено само до Сирија, туку сака да ги заштити своите геополитички интереси во тој регион, потенцира таа.

Со симнувањето на диктаторот Садам Хусеин во Ирак и Моамер ел Гадафи во Либија, од страна на САД или со нивна помош, Москва ги загуби своите долгогодишни сојузници во регионот. Дури и Иран, уште еден традиционален партнер на Кремљ, се приближи до Вашингтон со потпишувањето на нуклеарниот договор.

– Режимот на Асад е последниот сојузник на Русија во регионот и пристапот на Москва мора да се гледа во тој контекст, вели Клаус.

Според оценката на воениот експерт за Русија од Меѓународниот институт за истражување на мирот (ПРИО) од Осло, Павел Баев, неодамнешните чекори на Москва во Сирија, имаат само симболичен карактер пред Генералното собрание на Обединетите нации.

– Тоа во основа не е вистинска интервенција, туку шоу, вели Баев.

Воздушните напади на САД врз Исламската држава немаат голем ефект. – Сфаќањето на воената сила на Русија е преувеличено, делумно поради спектакуларниот успех на Крим. Всушност, Русија воено се преоптовари, бидејќи мора да обезбеди единици во регионот на Донбас во источна Украина, смета Баев.

Според него, Москва може да си дозволи во борба против Исламската држава во Сирија да испрати само уште една или две ескадрили. – Но, додека на терен нема руско оружје со висока прецизност, нападите ќе бидат помалку ефикасни од ударите на САД, укажува Баев.

Засилената воена помош од Москва за Асад не го олеснува решението во Сирија, но со тоа всушност сепак не се менува односот на силите, смета Баев.

– Не треба да се претерува, Путин веројатно стана свесен за тоа дека Турција се бави со Курдите, дека Европа треба да се носи со својот проблем со бегалците, а дека американското бомбардирање едвај нешто помага. Путин сега се обидува да ги искористи превирањата на западната политика во сопствена корист, заклучува Баев.

Администрацијата на Обама мора да одлучи колку Сирија му е важна на Вашингтон, смета Дејвис: – Ако ни е важна, ние сега не правиме доволно. Ако не ни е важна, работиме премногу, заклучува тој.

Би можело да ве интересира

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Во израелски напад на Дамаск загина и познатa сириска новинарка

Израел го ликвидирал братот на Башар ал Асад ?