Околу 2.000 лица учествуваа во поменот во Варшава по повод 70-годишнината од почетокот на нацистичките ликвидации во еврејското гето на полската престолнина, соопштија светските агенции.
Во оваа операција загинале 260.000 Евреи или една четвртина од тогашното население на Варшава.
Полска редовно ги одбележува годишнините од важни настани на холокаустот, но вчерашниот помен е прв случај на одбележување на почеток на депортирањата на варшавските Евреи во логорите на смртта, на 22 јули 1942 година.
Учесниците во настанот одеа во спротивна насока од патот на депортацијата – од Умшлагплац, каде варшавските Евреи биле товарани во возови кон логорот на смртта Треблинка, до сиропиталиштето, каде работел познатиот еврејски педагог и писател Јануш Корчак. Корчак можел да се спаси од холокаустот, но избрал да умре со околу двеста деца, кои биле под негова грижа. Тој е меѓу загинатите во Треблинка.
„Го минавме патот во спротивна насока како симбол на надежта дека тоа што тука се случило веќе никогаш нема да се повтори“, објасни 25-годишниот Матеуш Мајман, еден од учесниците во прошетката.
Секој учесник во прошетката носеше лента со името на некое убиено еврејско дете. Некои од лентите беа без натпис, во спомен на безимените жртви од гетото.
Меѓу убиените 260.000 варшавски Евреи имало околу 50.000 деца.