Руските вакцини Спутник V, кои во Италија ги произведува фармацевтската компанија „Адиен Фарма & Биотек“, нема да бидат достапни на пазарот најмалку до крајот на 2021 година, објави денеска агенцијата ТАСС.
Рускиот фонд за директни инвестиции оваа недела потпиша договор со швајцарската компанија, кој претходно мора да биде одобрен од италијанските регулатори пред да започне производството.
– Компанијата ќе произведува серии за продажба дури кон крајот на 2021 година, изјави Антонио Франческо Ди Наро, висок претставник на компанијата „Адиен Фарма & Биотек“.
Тој истакна дека компанијата се уште треба да ја заврши постапката за размена на технологијата за производство на Спутник V, да се тестира нејзиното производство и да им се пренесат податоците на националните регулатори пред да почне вакцината да се продава.
Научниците тврдат дека руската вакцина има ефикасност од речиси 92 отсто. Спутник V е веќе одобрена или се чека нејзино одобрување во три членки на ЕУ: Унгарија, Словачка и Чешка. Официјални претставници на ЕУ наведуваат дека Брисел може да започне преговори за евентуална набавка на руската вакцина доколку тоа го побараат најмалку четири членки на Унијата.