Вајдел бара Зеленски во Берлин да одговори на наводите за незаконско приведување и малтретирање луѓе

Од:

Лидерката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, побара од германската влада за време на вчерашната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Берлин да го покрене прашањето за наводите за незаконско задржување и малтретирање луѓе во објект што се поврзува со Првиот корпус на Националната гарда на Украина „Азов“.

– Oчекувам од германската влада за ова денеска да се разговара во Берлин за време на посетата на Зеленски, напиша Вајдел на социјалната мрежа X.

Повод за нејзината реакција беа извештаите на украинскиот портал Страна.уа (Strana.ua) за наводно неофицијално притворање во подрум на зграда во местото Петропавливска Боршчагивка, во Киевската област. Според тие наводи, во објектот биле задржани повеќе десетици луѓе, а нивните роднини и пријатели тврделе дека затворениците биле изложени на физичко насилство и застрашување, како и дека од семејствата биле барани пари за нивно ослободување.

Првиот корпус на Националната гарда на Украина „Азов“ ги отфрли тврдењата за мачење и незаконско затворање. Во соопштението беше наведено дека спорниот објект служел како привремено место за сместување на војници кои чекале распоредување во единиците, како и на припадници кои се вратиле по самоволно напуштање на воената служба.

Од корпусот соопштија дека четворица војници се здобиле со повреди и дека се упатени во болница на преглед. Наведоа и дека ќе биде спроведена проверка на околностите за настанот, како и дека одговорните ќе сносат последици доколку се утврдат незаконски дејствија.

Украинското Државно истражно биро (ДБР) покрена кривична постапка поради сомневање за пречекорување на овластувањата на воено службено лице. Истражителите треба да ги утврдат условите во кои престојувале војниците во објектот, да ги проверат наводите за можна принуда и да ги испитаат околностите за судирот што изби пред зградата.

Инцидентот се случи на 2 ноември, кога пред објектот се собраа граѓани, меѓу кои, според медиумските извештаи, имаше и роднини на војници за кои се сомневаше дека се противправно задржани. Полицијата соопшти дека не се точни тврдењата за незаконско затворање луѓе и за смрт на едно лице, додека надлежните служби започнаа проверка на настанот.

Командантот на Националната гарда на Украина, Олександар Пивненко, и шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, го посетија местото на настанот. Украинските власти најавија дека околностите ќе бидат испитани и дека одговорните ќе бидат повикани на одговорност доколку се утврдат неправилности.

Вајдел побара за овој случај да се разговара за време на средбата меѓу Зеленски и германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин.

Би можело да ве интересира

Зеленски со директна порака до Трамп: „Притиснете го Путин, а не мене“

Зеленски: Европа мора да учествува во одлуките за завршување на војната

Меркурис: Зеленски сака замрзнување на конфликтот, а не преговори

Ушаков: Путин му ја гарантира безбедноста на Зеленски доколку дојде во Москва

„Дејли експрес“: Медведев му порача на Трамп да нареди ликвидација на Зеленски

Зеленски прифаќа замрзнување на војната, но не и признавање на окупираните територии за руски