Претседателот на САД, Барак Обама и кандидатот на републиканците, Мит Ромни влегоа во последните 72 часа од кампањата, пред изборите кои се закажани за вторник, 6-ти ноември.
Како што пренесуваат агенциите, Ромни последните три дена од кампањата ги започна со посетата на Њу Хемпшир, повикувајќи ги бирачите да гласаат со љубов кон Америка, а не со омраза.
Осврнувајќи се на вчерашната изјава на Обама, дека гласањето би било најдобра одмазда, Ромни рече дека не го разбира тој став.
„Гласањето како освета? Јас ви предлагам гласање како љубов кон својата земја. Дојде време да ја поведеме Америка во подобра иднина“, одговори републиканскиот кандидат.
Агенцијата Асошиејтед прес, јави дека скоро 26 милиони Американци веќе го искористиле своето право и гласале однапред, што е дозволено во САД, поради тоа што претседателските избори секогаш се одржуваат на првиот вторник од ноември.
Предизборните истражувања покажуваат дека Обама и Ромни се многу блиску, но кандидатот на републиканците, сепак има малку потежок пат до Белата куќа, поради изборниот систем во САД и електорските гласови.
Се проценува дека за стигнување на магичната цифра од 271 електорски глас, Ромни би морал да победи во поголемиот дел свинг државите: Охајо, Флорида, Вирџинија, Северна Каролина, Колорадо, Невада, Висконсин, Ајова и Њу Хемпшир.