Првиот во годинешната сезона на урагани во Атлантскиот океан, ураганот Артур, ги помина канадските крајбрежни провинции, оставајќи зад себе десетици излјади домаќинства без електрична енергија, соборени дрвја и делумно разурнати станбени згради, пренесоа американските медиуми.
Во провинцијата Њу Брансвик соборените дрвја од бурните ветрови паднале врз најмалку 25 куќи.
Жителите на градот Фредриктон раскажуваат дека не виделе таква стихија цели 40 години. Во градот продолжува да врне пороен дожд.
Во целата провинција без струја се 115.000 домаќинства заради штетите што ураганот Артур ги предизвика врз електродистрибутивната мрежа.
Во провинцијата Нова Шкотска околу 135.000 домаќинства се без електрична енергија.
Ураганот Артур веќе е со ветрови со брзина од 90 километри на час, откако претходно оваа недела беше ураган од втор степен, пред да ја зафати Северна Каролина, во САД.
Сега средиштето на бурата се наоѓа на 30 километри југозападно од Монктон, во Њу Брансвик.
Неколку патишта во двете провинции се поплавени и затворени за сообраќај.
Ураганот прекина и неколку летови од најголемиот аеродром во провинцијата, во градот Халифакс, во Нова Шкотска.