Генералната директорка на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), Ирина Бокова изјави дека уништувањето и грабежите на археолошките наоѓалишта на Блискиот Исток мораат да бидат осудени како воени злосторства.
Говорејќи на конференцијата, која денеска е отворена во Египет, Бокова истакна дека уништувањето и кражбите на актиквитетите во регионот претставува „воена тактика“ со цел заплашување на населението, финансирање на криминални активности и ширење на омраза.
Дводневниот собир е организиран поради уривањето на древните храмови и артефакти во Ирак од страна на екстремистите на Исламска држава, како и кражбите и шверцувањата на антиквитети од Ирак, Сирија, Египет и Либија.
На конференцијата учествуваат претставници на десет арапски земји.