Руските сили ги засилија нападите врз градот Соледар во источна Украина и Москва најверојатно наскоро ќе го контролира поголемиот дел од рударскиот град во источна Украина по повеќемесечна битка со украинските сили, објави британското Министерство за одбрана, цитирано од Би-Би-Си.
Британското министерство соопшти дека руската армија и членовите на групата Вагнер веројатно сега го контролираат поголемиот дел од градот, по напредокот во изминатите четири дена. Малиот град во Донбас е на околу петнаесет километри од Бахмут, каде што двете страни претрпуваат големи загуби во една од најинтензивните рововски битки од почетокот на руската инвазија на Украина пред 11 месеци.
Нападите врз Соледар најверојатно се „обид да се опколи Бахмут од север и да се прекинат украинските линии на комуникација“, се вели во брифингот на британското разузнавање што го објави Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот доцна во ноќното обраќање рече дека Бахмут и Соледар се држат и покрај масовното уништување. „Благодарение на издржливоста на нашите војници во Соледар, добивме дополнително време и дополнителна сила за Украина“, рече Зеленски.
Ниту Соледар ниту Бахмут не беа спомнати од руското Министерство за одбрана на брифингот за новинари во понеделникот.
Украинскиот воен аналитичар Олег Жданов смета дека борбите во Бахмут и Соледар се „најинтензивни на целиот фронт“. „Толку многу се оставени на бојното поле… мртви или ранети“, рече тој на Јутјуб.
„Тие ги напаѓаат нашите позиции во бранови, но ранетите обично умираат таму каде што лежат, поради студ или загуба на крв. Никој не доаѓа да им помогне или да ги земе мртвите од бојното поле“, додаде тој.