Полицијата покрена истрага за кражба на историската порта од поранешниот нацистички концентрационен логор Дахау со натписот „Arbeit macht frei“ (Работата ослободува).
Директорот на музејот Аушвиц-Биркенау во Полска, кој исто така беше цел на вандали пред пет години кога шведски неонацисти ја украдоа вратата со сличен натпис, во понеделникот остро ја осуди кражбата во Дахау.
„Тоа е напад врз симбол, напад врз сеќавањето. Историјатот на нацистичките концентрациони логори започна во Дахау“, изјави Пјотр Цивински, директор на фондацијата Аушвиц, пренесе DPA.
Кражбата на портата од ковано железо веројатно е изведена ноќта кон неделата, соопшти полицијата на Баварија. Директорката на меморијалниот музеј Габриеле Хамерман изјави дека портата е „централниот симбол на патењата на затворениците“.
Дахау, кој се наоѓа недалеку од јужниот германски град Минхен, е отворен во март 1933 година, набрзо по доаѓањето на власт на Адолф Хитлер, каде што биле затворани противниците на Третиот рајх, а подоцна оние кои според нацистичката расна доктрина требало да бидат елиминирани, како Евреите, Ромите и други.
Повеќе од 200 илјади луѓе од цела Европа биле затворени во Дахау, кој станал модел за другите концентрациони логори коишто нацистите ги подигнале во текот на своето дванаесетгодишно владеење. Се проценува дека во овој логор умреле 41.500 луѓе, пред да биде ослободен од американските војници во април 1945 година.
Хамерман изјави дека од 2011 година музејот го обезбедува приватна агенција за обезбедување. Додаде дека нема видео надзор, бидејќи управата не сакала да изгледа како „затворска висока безбедност“, но дека сега повторно ќе треба да се разгледа тоа прашање.
Во декември 2009 година натписот „Arbeit macht frei“ беше украден од вратата на поранешниот концентрационен логор кој германските фашисти го подигнале во Полска. Неонацистички активист Андерс Хоегстром поради тоа што во декември 2010 година е осуден на две години и 8 месеци затвор, а растурениот натпис е пронајден и обновен во 2011 година.