Убиството на британскиот војник Ли Ригби, извршено на улица во Лондон, „не можело да се спречи“, иако неговите убијци биле надгледувани од некои од разузнавачките агенции, заклучи Комисија за безбедност и разузнавање на британскиот Парламент.
Комисијата 18 месеци го испитуваше случајот со бруталното убиство на војникот, но иако констатираше пропусти во дејствувањето на безбедносните служби, заклучи дека тие не се такви за да може да се покрене посебен случај и да се бара одговорност.
Пратениците од оваа Комисија ја прифатија оценката на безбедносните агенции дека тие немале доволно сознанија за двајцата исламски милитанти, за да интервенираат навреме и за да го спречат убиството.
Безбедносни експерти уште пред соопштување на заклучоците на парламентарната Комисија објаснуваа дека неможе да се следи секој за кого постои некакво сомневање. Тие предупредуваа дека сега главна закана доаѓа од „терористи-осамени волци“, кои дејствуваат сами и надвор од некоја од познатаите исламистички и терористичко групи, без разлика што напаѓаат според нивните правила.
Ли Ригби (25), кој беше барабанџија во артилерски полк, прво беше прегазен од напаѓачите со автомобил, а потоа убиен со повеќе убоди со нож и месарски сатар, додека неговото тело лежело на коловозот. Овој терористички напад се случи на 22 мај минатата година во лондонскиот кварт Вулич, пред очите на исплашените и вчудоневидени случајни минувачи.
Убијците на војникот, Мајкл Адеболаџо и Мајкл Адебовале беа уапсени и осудени на доживотен затвор, без право да бидат ослободени, пред да поминат 45 години во затворските ќелии. Двајцата имаат нигериско потекло и се пораснати и образувани во Велика Британија. На судењето тие не изразија жалење за нападот, тврдејќи дека тоа е казна за „антиисламската политика“ на Владата во Лондон.
Бритнскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека заклучоците на Комисијата и на безбедносните служби, дека нападот не можел да се спречи, предизвикува загриженост за вкупната безбедносна ситуација во земјата. Изјавата доаѓа откако Хоум Офисот потврди дека заканата од тероризам сега е најголема по 11 септември 2001 година.