Убиен лидерот на јеменскиот огранок на Ал Каеда

Од:

Лидерот на јеменскиот огранок на Ал Каеда, Насер ал Вахиши е убиен при напад на американско беспилотно летало во пристанишниот град Мукала, објавија германски медиуми, повикувајќи се на локални извори блиски до терористичката мрежа.

Американската телевизија Си-Ен-Ен, исто така, објави дека Вахиши е ликвидиран, цитирајќи двајца претставници на јеменските безбедносни сили.

Ваквата информација ја потврди и Ал Каеда на Арапскиот Полуостров во видео објавено на Интернет. Во видеото се посочува и дека за наследник на Вахиши е избран Касим ал Рими, воен командант од јеменскиот огранок на Ал Каеда, познат под името Абу Хуреира ал Санани.

Владата на САД соопшти дека ја проверува информацијата, а американски официјален претставник демантирал дека американските вооружени сили учествувале во нападот. Останува нејасно дали нападот бил извршен од ЦИА.

Насер ал Вахиши, кој е роден во Абијан, Јужен Јемен, некогаш бил близок соборец на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Тој се сретнал со лидерот на терористичката мрежа во 90-тите години од минатиот век во Авганистан и станал негов личен секретар.

САД го сметаат јеменскиот огранок на Ал Каеда за најопасен.

Би можело да ве интересира

Израелската армија пресретна ракета лансирана од Јемен

Гутереш: Израелските напади врз цели во Јемен се особено загрижувачки

Израелски авиони нападнаа голем број цели во Јемен

Русите испраќаат борци и од Јемен да се борат против Украина

САД нападна подземни складишта со оружје на Хутите во Јемен

Четири лица загинаа, а 30 се повредени во израелските воздушни напади врз Јемен